Меркел и Макрон нудат решение за Косово со двоен суверенитет

Германија и Франција на средбата на државните раководства на Косово и Србија на 29 април во Берлин ќе настапат со план за договор меѓу двете земји, со кој во извесна мерка ќе се удоволи на барањата на Белград, но кој не предвидува поделба на Косово, објави вечерва приштинскиот портал „Газета Експрес“.

Неименувани извори на порталот, како што јави дописникот на МИА од Приштина, тврдат дека на средбата закажана за крајот на месецот во германската престолнина, а на која ќе учествуваат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, на косовските лидери ќе им биде претставен план за финален договор меѓу двете земји.

– Ако е вистина тоа што се зборува за овој план, тогаш многумина ќе го побараат оној претходно споменуван план за територијална поделба. Се зборува за двоен суверенитет, на тој начин што Косово ќе го задржи територијалниот интегритет, додека Србија ќе ужива одреден суверенитет врз косовските Срби и со тоа и врз српските цркви, вели изворот на приштинскиот медиум.

Според него, „со цел да не звучи премногу агресивно“, можно е Косово дел од својот суверенитет да му го префрли на Брисел, а потоа овој да го пренесе на Белград.

– Се споменуваат различни случаи низ светот како начин за удоволување на барањата и на Србија и на Косово, меѓутоа работите нема да бидат толку едноставни, вели изворот на „Газета Експрес“, додавајќи дека присуството на косовскиот премиер Рамуш Харадинај на средбата во Берлин „само ја прави ситуацијата уште по нејасна“.