Меркел го притиска Макрон за датум за Северна Македонија

Во пресрет на денешниот неформален самит во Берлин чии домаќини се германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, германските медиуми ја анализираат состојбата во земјите од Западниот Балкан и ја коментираат нивната подготвеност за приближување кон ЕУ, пренесува „Дојче Веле“.

Северна Македонија е единствената земја од Западниот Балкан која заслужува да биде наградена со датум за почеток на преговори со ЕУ, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, а „Велт“ тврди дека Меркел планира да го притисне Макрон за преговорите со ЕУ.

– Земјите од регионот и натаму заслужуваат поддршка, но натамошно приближување кон ЕУ во моментов би било погрешен сигнал. Со еден исклучок: Северна Македонија има една реформски ориентирана Влада, која направи храбри компромиси за сонот Европа, менувајќи го и своето име за да го надмине стариот спор со ЕУ-членката Грција. Почеток на пристапните преговори ќе биде адекватно признание за големата храброст. Каде ќе завршат тие преговори на крај, ќе покаже времето. Секако ќе траат со години. Но остатокот од регионот оддава една матна слика. Тоа особено важи за Србија, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Во неделното издание весникот „Велт“ пишува дека канцеларката Меркел сака по секоја цена да го убеди Макрон на Северна Македонија во јуни да ѝ се даде шанса да ги започне преговорите со ЕУ.

Весникот наведува дека клучни ќе бидат два разговора, кои ќе се случат во понеделник пред големата рунда: Прво Меркел ќе разговара во четири очи со македонскиот премиер Зоран Заев. Потоа со Макрон.

– Меркел сака да ја награди Северна Македонија за нејзината заложба во спорот за името со скор почеток на преговорите со ЕУ. Макрон, кој повеќе е заинтересиран за продлабочување одошто за проширување на ЕУ, не го сака тоа. Но, компромис е можен: Меркел ветува дека силно ќе се заложи кај Макрон за брз почеток на преговорите, а Северна Македонија трпеливо ќе чека до по изборите за Европскиот парламент, за Макрон да си го спаси образот. Околу тоа денеска ништо нема да биде објавено, пишува „Велт“.

Самитот го анализира и „Зиддојче Цајтунг“ и тоа од аспект на идеите за размена на територии и корекција на границите меѓу Србија и Косово.

– На Западнобалканскиот самит во Берлин главна тема не се неуспесите на земјите аспиранти, туку една многу опасна грешка на ЕУ. Европејците, и во прв ред комесарката за надворешна политика Федерика Могерини, не само што дозволија, туку и поттикнуваа, во дебатата за решение на судирот меѓу Србија и Косово темата промена на границите да се најде на дневен ред, пишува „Зиддојче Цајтунг“.

Според весникот, заслуга е на Ангела Меркел, која беше речиси единствената која уште од почетокот јасно се изјасни против промена на границите, затоа што оној кој ги доведува во прашање границите, повторно го пали фитилот на балканското буре барут.

– Со тоа се ризикува, па и провоцира, избувнување нови конфликти од мултиетничната Босна и Херцеговина до Северна Македонија со нејзиното бројно албанско малцинство, наведува весникот.

Затоа, пишува „Зиддојче Цајтунг“, е добро и беше крајно време, тоа што Меркел го организира овој самит, за конечно засекогаш да се закопаат тие стари идеи.

– Истовремено од оваа средба заедно со Макрон можат да му испратат заедничка порака на Трамп дека Европејците нема да дозволат лоши договори, а помирувањето на Балканот го гледаат како сопствена задача. Но, секако нема да биде доволно, една капитална грешка во преговарачкиот процес само да се коригира. На шесте држави од Западниот Балкан мора да им се даде јасна перспектива за членство во ЕУ. Организирањето утешни самити еднаш годишно како концепт за Балканот е премалку, заклучува „Зиддојче Цајтунг“.