Меркел: Европа да преземе поголема одговорност во светот

Германската канцеларка Ангела Меркел побара Европа да преземе поголема одговорност во светот и изрази жалење што односите со САД се поинакви, посебно за прашањата за животна средина.

– Треба да вложиме вонреден напор за да се избориме со вонредниот предизвик (новиот коронавирус), но јас сакам уште повеќе, сакам Европска Унија, посебно во време на криза да покаже светска солидарност и да преземе поголема одговорност, истакна Меркел во синоќешното обраќање во Фондацијата Конрад Аденауер.

Германија на 1 јули го преземе претседателствувањето со ЕУ, а Меркел, која најави заминување од функцијата во 2021 година, пред Фондацијата ги презентираше главните насоки на ЕУ до крајот на годината, во ек на здравствена, економска и социјална криза.

– Пандемијата ќе доведе до интензивирање на судирите и постоечки проблеми на голем број места, поради што претставува предизвик за капацитетот на дејствување на ЕУ по прашањата за надворешната и внатрешната политика. Тоа е уште една причина повеќе за да ги заштитиме вредностите на ЕУ – солидарност, демократија, слобода, заштита на достоинството на секој човек, посочи Меркел.

Таа додаде дека Европа од кризата може да излезе посилна.

Меркел истакна и дека најважен партнер на Европа се САД, но оти тоа партнерство е поинакво отколку што би сакала ЕУ, посебно за прашањата за животната средина.

Таа оцени и дека ЕУ има „стратешки интерес“ да разговара со Кина и покрај несогласувањата за Хонг Конг, каде треба да се одржи принципот „Една земја, два система“.

Германската канцеларка се осврна и на односите на ЕУ со Русија, при тоа обвинувајќи ја Москва дека поддржува марионетски режими во Источна Украина и оти ги напаѓа западните демократии, меѓу кои и Германија со хибридни средства.

Таа истакна дека „во меѓународните односи не се применува законот на посилниот туку силата на законот.