Меркел: ЕУ е пред најголем предизвик од основањето

Германија – Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека ЕУ се наоѓа пред најголемиот предизвик од своето основање.

– Соочени сме со голем предизвик по здравјето на луѓето, а соочени се сите земји членки. Поради тоа треба да биде во интерес на сите, а така и на Германија, од таа криза да не излеземе послаби, туку посилни, порача Меркел.

Таа на прес-конференција го најави утрешниот состанок на Еврогрупата, на кој ќе се разгледа предлогот на Советот на ЕУ, порачувајќи дека на Германија ќе и биде добро колку и на Европа.

Германската канцеларка нагласи дека во оваа криза се потврдува колку се испреплетени економиите и одговорот треба да биде само „посилна Европа, која подобро функционира во сите нејзини делови, а со тоа во сите членки“.

Таа додаде дека сите земји кои се членки на Еврогрупата се взаемно поврзани и очекува предлози од министрите за финансии за надминување на кризата.

Меркел потсети на постоењето на кризниот инструмент ЕСМ, кој содржи кредитни линии, а кои се достапни во случај на елементарни непогоди, каква што е моментно пандемијата на Ковид-19.