Меркел до крај ќе се обидува да ја убеди Бугарија „да ја пушти Северна Македонија во ЕУ“


Бугарија – Бугарија потврди дека не ја променила својата позиција и дека нема да ја одобри преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во ЕУ, тврди софиското издание „Медиапул“ во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, сепак, според изданието, шатл дипломатијата ќе продолжи и за време на форумот во Словенија. Така, денес во 7.30 часот, бугарскиот претседател Румен Радев, кој ќе ја претставува Бугарија на Самитот, ќе има средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеи и со словенечкиот премиер Јанез Јанша. По ова, во 9.00 часот,  Радев ќе има заедничка средба со германската канцеларка Ангела Меркел, француски претседателот Емануел Макрон и премиерот Зоран Заев.

Во пресрет на Самитот, бугарската потпретседателка Илијана Јотова за БНР изјави дека нема причина да се промени позицијата на Софија за Северна Македонија и покрај „сериозниот притисок на кој Бугарија ќе биде подложена од нејзините европски партнери“. Таа е категорична дека за неа најважно е „да се почитува правата на граѓаните во Република Северна Македонија со бугарско национално чувство“.