Меркел: Цврсто стоиме зад европската перспектива на Западниот Балкан


Германија цврсто стои зад европската перспектива на Западниот Балкан и ги поддржува земјите од тој регион во нивните реформски напори, соопштија од кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел.

-Поради доцното објавување на извештаите за земјите, рокот за одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија беше краток. Пред оваа одлука, Сојузната влада мора да добие и согласност од Бундестагот, истакнато е во кабинетот на Меркел на прашањето од црногорскиот весник „Побједа“ да ги прокоментира одлуките на Советот на ЕУ да го одложи отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

ЕУ во средината на месецов ја одложи одлуката за отворање на пристапните преговори со двете земји. Скопје и Тирана добија нов термин, октомври годинава кога членките на ЕУ ќе се изјаснат за тоа дали овие земји ќе ги почнат преговорите.

Германската канцеларка на крајот на дводневниот самит на лидерите на ЕУ, во Брисел, на кој одлуката за преговори беше одложена, се заложи дека ќе стори сѐ за одредување датум за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство со ЕУ до октомври и оти таа ќе ја заложи сета нејзина политичка тежина за да се донесе таа позитивна одлука.