Мери Попова од Торино: Андреа секогаш со гордост говори за Македонија


Шефицата на македонската евровизиска делегација, Мери Попова за инцидентот со македонското знаме, што се случи вчера во Торино, Италија, по повод официјалниот старт на „Евровизија 2022“ и претставување на сите учесници, вели дека сè се случило навистина брзо.

– Сè се случи навистина многу брзо. Протоколите и организацијата налагаа по 30 секунди официјално фотографирање за сите евровизиски претставници. Останатиот дел од делегацијата беше тргнат на сосема спротивна страна, зад камерите, со оглед на директниот пренос. Претпоставувам дека во целата еуфорија, кога од Андреа побарале фотографии и без знамето, едноставно не успеала да изреагира поинаку, туку го поттурна знамето по тиркизниот ќилим. Ниту видовме, ниту слушнавме кој го побарал тоа од неа, зошто повторувам бевме далеку од неа. Потоа си го зема и продолжи на средбите и интервјуата со сите други многубројни присутни медиуми. Несаканиот инцидент нема во никој случај да го оценам како „(зло)намерен” од нејзина страна, од причина што за сите овие денови на подготовки во Торино, Андреа секогаш со гордост говори за Македонија, со македонското знаме во преден план. Впрочем, тоа може да се забележи и на бројни фотографии на социјалните мрежи, изјави Попова.

Андреа и македонската делегација на тиркизниот килим пред Venaria Reale, еден од симболите на богатата кралска историја на Торино

МРТ најостро го осуди потегот на нашата претставничка на Евросонг, Андреа Коевска којашто за време на фотографирањето во Торино го поттурна на земја државното знаме, а и во земјава има најразлични реакции. 

– Јавниот сервис на ниту еден начин не стои зад ваквото скандалозно однесување на нашата евровизиска претставничка, која со тој гест покажа непочитување кон националното обележје, што е казниво со закон, се наведува во соопштението.

МРТ очекува од Андреа да им се извини на граѓаните за ваквото однесување и најавува дека ја разгледува можноста за нејзино повлекување од Евровизија, иако ќе се води сметка да не се предизвика поголема штета по јавниот сервис.

– Против одговорните во македонската делегација ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал, се додава во соопштението.