Мерењето на температурата „пропусница“ за влез во градинките

Установите за згрижување и воспитување на децата почнаа со работа во согласност со  протоколите за функционирање во услови на пандемија со КОВИД – 19. Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ги повика вработените  и родителите да покажат максимална одговорност.

Таа појасни дека протоколот што Комисијата за заразни болести го усвои многу јасно ги одредува обврските на сите. Протоколот, рече, предвидува посебен режим за прием на децата, исхрана, но регулира и  како ќе се одвива одморот, спиењето, играњето на децата во градинките…, а со негово почитување на минимум се сведуваат ризиците од инфекцијата. Во групите од 0 до две години треба да бидат сместени до шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, а во поголемите групи од две до шест години, најмногу 15 деца за кои, исто така, се грижат двајца – воспитувач и негувател.

– Проценките на МТСП велат дека согласно протоколот во градинките има место за повеќе од 19.000 деца. Предност имаат деца на самохран родител или родители кои работат, а двајцата мора да се на работното место. Според податоците од градинките нешто повеќе од 14.000 деца се пријавени за посетување градинка, а има место за повеќе од 4.000 деца. Апелирам до сите чинители кои се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст при најмал сомнеж за Ковид-19 кај детето да алармираат. Министерството за здравство донесе посебни протоколи и алгоритми со постапки според кои се постапува со децата кои се сомнителни на Ковид-19, рече Шахпаска.

Таа апелираше воспитувачките и учителките да седат цел ден во својата група, да нема групирање за пиење кафе, за да се заштитат сите од ширење на болеста.

Одговарајќи на новнарско прашање дали е вистина дека една градинка во Свети Николе не почнала со работа утрово поради сомевање за случај со КОВИД-19, таа рече дека нема таква информација, но, како што посочи, доколку градинката не била отворена од таа причина, тоа значи дека се почитуваат мерките и протоколите.

-На последниот состанок со директорите на градинкитешто го имавме во петокот сите покажаа подготвеност да почнат со работа. Ова е нов момент. Доколку се работи за сомневање за инфекција со КОВИД-19 тоа говори за одговорност зошто не била отворена таа градинка. Значи, ова е тоа за што говориме. И за еден сомнителен случај треба да направиме проценка дали би стартувале со работа, рече министерката за труд и социјална политика.

Во врска со времето на прием и заминување на децата од градинка, министерката Шахпаска истакна дека, тоа треба да го уредат директорите во кој временски период би се одвивале, дали еден од вработените кои се грижат за децат би дошол порано, друг подоцна, со цел да родителите да можат да ги донесат и земат децата, со запазување на протоколите за децата да бидат безбедни и да не биде загрозен работниот процес.

Директорката на градинката Елена Устамитова, рече дека утрово со почитување на мерките за заштита почнал прием на деца. На децата, родителите и вработените пред влез во градинката им се мери температура.

Оваа градинка има пет клона. Во сите пет објекти претходно се згрижувале 1.100 деца, но согласно протоколите сега има можност да се згрижат 560 деца.