Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека ќе остане на функцијата и дека ќе продолжи со економските и социјалните реформи на неговата влада, и покрај сериозната загуба на неговата Демо-христијанска унија (ЦДУ) на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија и во Берлин.

Според првичните проекции на јавниот сервис АРД, ЦДУ освоила само околу пет отсто од гласовите во Мекленбург-Западна Померанија. Доколку резултатот биде потврден, тоа ќе биде најслаб резултат на партијата на покраински избори во Германија по Втората светска војна.

Мерц го опиша резултатот како „катастрофа“ за неговата партија, но порача дека нема намера да се повлече од реформите што ги најави федералната влада.

„Она што сега треба да се направи бара цврстина, истрајност и трпение. Ќе ги покажам овие квалитети како претседател на ЦДУ и, пред сè, како канцелар на нашата земја“, рече Мерц по објавувањето на првичните проекции, пренесува Асошиејтед прес.

Во Мекленбург-Западна Померанија, ултра-десничарите од Алтернатива за Германија (АфД) според првите проекции освоија околу 37 отсто од гласовите, пред Социјалдемократската партија (СПД), која освои 35,5 до 36 отсто. АфД со тоа повеќе од двојно го зголемува резултатот од претходните избори во оваа покраина. Сепак, останатите поголеми партии досега ја исклучуваа можноста за коалицирање со АфД.

Слаб резултат за ЦДУ се очекува и во Берлин. Според првичната проекција на АРД, Левицата е прва со околу 24,5 отсто, додека ЦДУ е втора со околу 20 отсто. АфД според истата проекција добива околу 15,7 отсто. Првичните податоци покажуваат и дека досегашната владејачка коалиција во германскиот главен град го губи мнозинството.

Резултатите дополнително го зголемуваат политичкиот притисок врз Мерц, кој е канцелар 16 месеци. Неговата позиција беше ослабена и по изборите во Саксонија-Анхалт на 6 септември, каде што ЦДУ забележа голем пад, а АфД значително ја зголеми поддршката. Во изминатите недели во Германија се појавија и шпекулации за можна смена на канцеларот пред истекот на мандатот, иако водечките функционери на ЦДУ јавно не побараа негово повлекување.

Мерц, пак, изборните резултати ги искористи за да ја повтори потребата од продолжување на реформите. Германската влада подготвува даночни олеснувања за граѓаните со ниски и средни приходи, промени во пензискиот систем и намалување на административните оптоварувања, во обид да ја поттикне германската економија, која во последните години бележи слаб раст.

„Реформите мора да дојдат“, рече Мерц, оценувајќи дека економските и политичките проблеми со кои се соочува Германија ја прават потребата од промени уште поголема.

Канцеларот ги поврза реформите и со растечката поддршка за партии како АфД, велејќи дека тие треба да бидат „противотров“ на, како што рече, растечката привлечност на авторитаризмот.

Од АфД, пак, побараа политичка одговорност од канцеларот. Копретседателот на партијата Тино Хрупала изјави дека Мерц, наместо да најавува продолжување на истата политика, треба да извлече последици од резултатите и да поднесе оставка.

Покраинските избори немаат директно влијание врз мандатот на федералната влада во Берлин, но се важен показател за расположението на гласачите и за политичката позиција на партиите на национално ниво.

Конечните резултати од гласањето во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија се очекуваат по завршувањето на пребројувањето на гласовите.