Мерц ќе го предупреди Трамп за мешањето на Маск во предизборната кампања во Германија


Фридрих Мерц, кандидатот за канцелар на ЦДУ

Кандидатот за канцелар на Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ), Фридрих Мерц изјави дека планира да му каже на американскиот претседател Доналд Трамп дека не одобрува тоа што блискиот соработник на Трамп, Илон Маск, се меша во предизборната кампања во Германија со јавно поддржување на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AфД).

„Не одобрувам некој толку близок до Трамп да се обидува толку директно да се меша во германските избори“, рече Мерц за „Берлинер Моргенпост“.

Тој изрази загриженост поради растечкото политичко влијание на Маск во Европа, во пресрет на предвремените парламентарни избори во Германија закажани за 23 февруари, објави Политико.

Во врска со најавата на Трамп дека САД ќе воведат царини за увоз на стоки од ЕУ, Мерц рече дека нема да прифати да се воведат царини од политички причини и дека Европа мора да одговори на таквите потенцијални потези.

„Не сакам трговска војна, но доколку е потребно, ќе се браниме со воведување сопствени царини“, рече Мерц.

Во врска со навестувањето на Трамп дека САД ќе ја намалат поддршката за Украина, Мерц рече дека Европа мора да го убеди Вашингтон дека поддршката на Киев е во интерес на САД. Откако започна кампањата за предвремените избори во декември, Маск отворено ја поддржа AфД на платформата Икс. Германската влада го обвини Маск за мешање во изборите и поддршка на екстремизмот.