Мерц: Црна Гора во ЕУ до 2030 година


Германскиот канцелар Фридрих Мерц (Фото: Ројтерс)

Германскиот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) повика на „конкретен напредок“ во процесот на проширување на Европската Унија. Мерц оцени дека Црна Гора треба да стане членка на Европската Унија „до крајот на деценијата“, односно до 2030 година.

Според него, пристапувањето на земјите од Западен Балкан мора да се забрза. Покрај Црна Гора, во Западен Балкан се вбројуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија. Сите шест држави веќе долги години се кандидати за членство во Европската Унија, која нема примено нови членки веќе 13 години, а истакнува дека е отворена за европските држави што ги исполнуваат таканаречените критериуми од Копенхаген.
 
„Црна Гора го прави тоа. И тогаш и Европската Унија мора да си го одржи зборот“, нагласи канцеларот и додаде дека земјата не смее да биде оставена во состојба на чекање само затоа што други земји сè уште не се подготвени.
 
Канцеларот исто така изјави дека на Украина треба „брзо“ да ѝ се овозможат механизми за приближување кон Европската Унија. Во тој контекст тој потсети на својот претходен предлог за „асоцирано членство“ на Украина, што би можело да ѝ овозможи на земјата, на пример, статус на набљудувач на седниците на Советот на ЕУ. Според Мерц, Киев веќе постигнал „значителен напредок во реформите“.