„МЕПСО“ вложува 3,18 милиони евра во реконструкција на ТС „Битола 2“

АД „МЕПСО“ ќе ја реконструира 400/110 kV трансформаторска станица „Битола 2“, која има витално значење за енергетскиот сектор во земјава.

Со реконструкцијата ќе биде сменета старата опрема, која не е заменета 38 години, со нова високонапонска опрема за што ќе бидат вложени 3,18 милиони евра. Од нив, 2,2 милиони евра се сопствени средства на АД МЕПСО, а останатите се кредит од Европската банка за обнова и развој. Според договорот, проектот треба да заврши во рок од три години, а за реконструкцијата е задолжен хрватски „Далековод“ кој е избран за најдобар понудувач.

Договорот за реконструкција денеска во Скопје го потпишаа генералната директорка на АД МЕПСО Ева Шуклева и претставникот на „Далековод“, Никола Маџар, а на чинот на потпишување присуствуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Според генералната директорка на АД МЕПСО, ова вложување е уште едно во низата инвестиции за стабилен и доверлив систем, за да се сведат на минимум ризиците од испади и прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и да се намалат трошоците во работењето на компанијата.

Министерот за транспорт и врски истакна дека со модернизацијата на оваа трафостаница ја потврдува стратешката заложба на државата за стабилен енергетски систем во југозападниот дел од преносната мрежа.

Со договорот за реконструкција се опфатени 400 kV како и 110 kV разводни постојки во ТС „Битола 2“. Притоа ќе бидат набавени и монтирани 25 разделувачи на сите 9 полиња и 14 потпорни изолатори за 8 полиња во 400 киловолтната разводна постројка, а во 110 kV разводна постројка ќе бидат набавени и монтирани 42 разделувачи на сите 14 полиња и 75 мерни трансформатори на 13 полиња .

 

ТС „Битола 2“ има стратешко значење во енергетскиот систем на земјава бидејќи на неа се приклучени РЕК Битола како најголем производител на електрична енергија во земјава, како и рудниците Суводол и Брод – Гнеотино. Во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далекуводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со електроенергетскиот систем на Грција.