МЕПСО: Од планирани 28 милиони евра инвестиции годинава, за шест месеци реализирани 5,9 милиони


АД МЕПСО лани реализира 13,5 отсто од планираните инвестиции, а во првите шест месеци од годинава веќе се реализирани 21,03 отсто од планираните инвестици. Планот за годинава е да се реализираат инвестиции во вредност од 28.180.018 евра, а веќе се реализирани 5.925.893 евра, соопштија од компанијата.

Од МЕПСО посочуваат дека во првото полугодие од годинава реализирале речиси двојно повеќе планирани инвестиции отколку во целата измината 2021 година.

-Политиката за развој и инвестиции со цел остварување на нашата визија за навремен и стабилен пренос на електрична енергија низ високонапонската мрежа, а воедно и управување со доверлив и стабилен електроенергетски систем, во 2022 година претрпе големи измени, споредено со минатата година. Домаќинското и одговорно работење заедно со политиката на штедење допринесе процентот на реализација на планираните инвестиции само за првото полугодие од оваа година да биде поголем од цела 2021 година, порачуваат од АД МЕПСО.

Најавуваат дека стратешкото планирање и управување со инвестициите во електроенергетска мрежа ќе продолжи со уште позасилено темпо во периодот што следи, со една единствена цел подобрување на доверливоста и оперативноста на електроенергетскиот систем.