МЕПСО не се продава, ниту се разговара за тоа, велат Ковачевски и Битиќи

Доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште, истакна Ковачевски.


Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска во одвоени изјави демантираа дека се водат разговори за продажба на електроенергетскиот преносен систем МЕПСО, како и дека има предлог од грчкиот електропреносен систем оператор за влез во оваа домашна компанија во државна сопственост.

Премиерот ги нарече „лажни“ вестите за продажба на државната компанија МЕПСО, како и дека тие произлегуваат главно од опозициските медиуми, и за што и опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаше прес конференција.

„И од МЕПСО соопштија дека ниту разговарале, ниту преговара за продавање на дел од компанијата која е 100 отсто во државна сопственост. Исто така и Владата нема никакви разговори во однос на продавање на МЕПСО така што станува збор за дезинформација“, рече Ковачевски одговарајќи на прашања на новинарите по посетата на Битола во врска со изгардбата на топловодот. На забелешката дека за тоа пишувало и во грчките медиуми, односно дека имале таква стратегија, премиерот одговори: „Тие може да имаат свои стратегии ист како што имаме и ние“.

„Доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште“, истакна Ковачевски.

И вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска рече дека нема информација дека грчкиот електропреносен систем оператор е заинтересиран да влезе во МЕПСО. Како што изјави Битиќи, до Владата не е стигнат таков предлог, ниту има одлука дека МЕПСО ќе оди на продажба. За ова, напомена Битиќи, воопшто не се ни водени какви било разговори со некого.

Според Битиќи, во секој случај е добро да постои интерес од странски компании за инвестиции во земјава.

„Не знам што пишувале грчките медиуми. Но, независно, убаво е кога различни компании се интересираат да инвестираат во државава зашто ја гледаат геостратешката положба на земјава и можноста што постои. Ние до денес немаме официјално добиено никаков предлог, ниту имаме преговори. Кажавме дека таква одлука нема на Влада, а секако, јас сум отворен и секогаш велам – се што е добро за одржливост и за доброто на државата би требало да се разговара. Но, ова прв пат го слушам, немам таква информација. Не знам кому испратиле писмо. Јас сум дел од Владата, досега такво писмо и таков интерес нема, ниту имам направено такви разговори, потенцира Битиќи, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на промоцијата на проектот „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени во Северна Македонија“.