„Менуваме“: Додека децата играат баскет на физичко, слепото дете чува ранци – да се вратат специјализираните училишта
Инклузијата не вроди со плод, сметаат од Коалицијата „Менуваме“, па бараат враќање на стариот систем каде децата со оштетен вид, слух или говор и другите деца кои имаат некаква попреченост да учат во специјализирани училишта каде ќе имаат стручни лица кои ќе работит со нив, но и со нивните родители.
Денеска,за таа цел беа на средба со министерката за образование Весна Јаневска, која се заложила во новиот закон којшто ќе биде предложен да се вметнат овие барања.
Државното училиште за деца со оштетен вид е во Скопје, а деца има низ цела Македонија, но тие предлагаат како претходно, децата да дојдат во Скопје, кадешто би живееле во интернат и би го посетувале специјализираното училиште.
Суарет Алишан од „Менуваме“ појаснува дека кога дете со некаква попреченост оди во регуларно училиште, кога имаат физичко и сите играат баскет, слепото дете чува ранци.
– Ако беше добар процесот на инклузија зошто Германија го врати стариот систем, Србија во Белград и во Нови Сад го врати училиштето за слепи лица назад – додава тој.
Како Коалиција „Менуваме“ предложивле досегашното образование во ОУ за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“ и картонажата во ПТТ да се заменат со средно гимназиско образование како и средно музичко образование и информатичко програмирање.
Со министерката разговарале и за педагошкото домување, колку е битно да се врати, да бидат згрижени децата во интернатот и истовремено зборувале за МКФ проценката која не е соодветна, затоа што проценката не е работа со дете, туку е работа со родителот, што е спротивно на Конвенцијата за правата на лица со хендикеп.
Од оваа година, сите дечиња со попреченост коишто ќе сакаат, може да се запишат во нивните училипта, кадешто им се паѓа, дали се училиште за лица со оштетен вид или училишта за оштетен слух и говор.

– Согласно законот што ќе го поднесе министерството, овие промени би сакале да се случат од оваа учебна година, може да се случи тоа од оваа година, барем гимназискиот и музичкиот дел да почнат од септември. Музичкиот дел е многу спремен, ги има сите инструменти – појасни Алишан од „Менуваме“.
Според него, веќе има нижо музичко образование, но ова ќе овозможи и средно музичко, каде ќе има соодветни програми за децата со оштетен вид да продолжат со образованието, а подоцна да продолжи на академија.
Тој тврди дека училиштето за слепи лица ги има сите услови и дека подобро е таму да учат овие деца, отколку во тие „таканаречени обемни класови кадешто децата беа невидливи и заборавени“.
Алишан објасни дека системот на инклузија не ги постигна целите затоа што на пример има слепо дете кое учи во „Корчагин“, а ресурсниот центар дава услуга, односно испаќа едукатор, но тоа не може да се направи за сите деца кои имаат потреба.
Дали овие деца ќе учат во посебни центри или училишта дополнително ќе се разговара, затоа што треба најпрво да се обезбеди соодветен кадар, а за тоа пак бараат во високото образование во Институтот за специјални едукатори и рехабилитатори да се воведе програма за општи едукатори и рехабилитатори, но и специјализирано образование зависно од типот на попреченоста. На пример, ако треба да работи со слепо лице се вика тифлолог, ако треба со дете со аутизам или со даунов синдром да работи се вика олигофренолог или сурлолог. Ако има вакви изучени кадри многу полесно тие ќе можат да им помогнат на овие деца.
Предлагаат и задолжително на факултетот за социјална политика и медицинскиот факултет да се воведат струките тифлологија, судрологија и олигофренологија, бидејќи секој еден треба да ги препознава оти во Македонија има 149.000 лица со попречености. Да не се базира на обука туку со дипломирање.
– Пак ќе има се дава избор на децата и на родителот. Но, услови нема (во редовните училишта) – вели Алшан, кој смета дека инклузијата која се воведуваше во последните четири години ги осакатија децата.
Инсистираат овие образовни асистенти да работат со родителите, за родителот работи потоа со детето. Не е целта родителот да го остави детето некаде, а потоа да се враќа дома и да не работи со него, туку да добие практични вештини.
Во државата има 2.000 деца на кои им треба асистент, а има 650 асистенти. покрај тоа што Министерството за образование бара уште 200 асистенти, сепак, моделот којшто веројатно ќе се прифати е еден асистент да биде на две, три деца.
Во Македонија седумдесетина години постојат девет училишта за ученици со попречености или посебни потреби и тоа: ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ – основно и средно образование на ученици со оштетен вид; Училиште за ученици со оштетен слух-основно училиште во Битола и средно училиште во Скопје; две основни училишта во Скопје и едно во Велес за ученици со ментална попреченост како и две средни во Скопје и во Куманово.