Менкиновски ја оцени како скандалозна одлуката за притвор за Камчев
Aдвокат Тони Менкиновски остро реагира на притворањето на Јордан Камчев оценувајќи дека одлуката е скандалозна бидејќи притворот е изречен врз база на неиздржани индиции на Агенцијата за национална безбедност. Тој смета дека во документот за притвор се наведуваат тврдења со ЌЕ, без да има некакви докази. Тој најави жалба на притворот, но и нагласи дека еден ден и судот во Стразбур ќе пресуди дека му се прекршени човековите права.
„Сите мерки за овој предмет кој трае надвор од законскиот рок за истрага, скоро 30 месеци, каде што сѐ уште не е подигнато обвинение, сите мерки се исполнети, даден е капитал како гаранција, дадени се пасошите и Камчев воопшто нема зошто да бега. Доби притвор само врз база на некаква пријава “, рече Менкиновски.
Според него садистички е бизнисмен кој инвестира во време на пандемија, уште и за Прочка, да биде приведен по барање на обвинител од Радовиш (Лиле Стефанова, н.з.) а уште повеќе е нејасно како е приведен кога во полициската станица во Карпош му било соопштено дека е поврзано со „изборна измама”, а потоа излегува дека е за нешто друго и за тоа се изрекува притвор.
. Уште еднаш нагласи дека судијата на претходна постапка бил контрадикторен,се зборувало за индиции за бегство, иако, како што нагласи Менкиновски, нема такви индиции бидејќи Камчев инвестира во земјава, нема пасош и со ништо не покажал намери за излегување од државата.
Информацијата за „бегство”, рече Менкиновски е од Агенцијата за национална безбедност, а таму, како што нагласи, работи сопругот на Фросина Ременски, против која Камчев следната недела треба да сведочи во предметот „Меѓународен сојуз”. Ако притворот го спречи сведочењето, судењето ќе се одложи, а тоа ќе биде голем срам, нагласи адвокатот.
Oбвинителката Лиле Стефанова, која го застапува случајот „Плацеви на Водно“, во кој покрај првоосомничениот Никола Груевски, се сомничaт и Камчев, како и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, не се појави пред новинарите и го напушти судот од задната страна на објектот.Камчев е осомничен и во предметот на СЈО „Империја“.