Менаџментот на Комерцијална банка донираше 130 илјади евра за вработените во Инфективната клиника и Институтот за јавно здравје


Инфективната клиника и Институтот за јавно здравје на нивните интернет страници упатија јавна благодарност до Комерцијална банка Скопје за донациите кои менаџментот на банката им ги додели на двете јавни здравствени установи.

Станува збор за доделени парични средства од по 4,1 милион денари во бруто износ (по околу 67 илјади евра) кои беа уплатени на сметките на Инфективната клиника и на ИЈЗ.

Во јавната благодарност на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје до Комерцијална банка се вели дека станува збор за донација од менаџментот на банката, во паричен бруто износ од 4,1 милион денари наменет за исплата на вработените во оваа установа, кои се редовно вработени на клиниката и се активно вклучени во редовната работа на истата.

Слична е и објавата на ЈЗУ Институт за јавно здравје од каде што исто така наведуваат дека донацијата во паричен бруто износ од 4,1 милион денари е наменета за исплата на вработените кои се редовно вработени во Институтот за јавно здравје.

Донаторот со оваа донација сака да им се заблагодари на вработените од клиниката и на вработените од Институтот за јавно здравје за нивните огромни напори во справувањето со пандемијата предизвикана со корона вирусот Ковид–19 во нашата земја“, стои на интернет страниците на двете здравствени институции.

Инаку, Комерцијална банка е еден од поголемите донатори за македонското здравство за што поуспешно справување со корона вирусот. Според листата на донатори што ја објави Министерството за здравство банката веќе учествуваше со донација од 100.000 евра, а донираше и маски како заштитна медицинска опрема во износ од 20.000 евра.