Менаџерот на Касиљас открива: Среќа е што доживеа срцев удар на тренинг, а не дома


Икер Касиљас ја имал сета среќа на овој свет во несреќа, бидејќи срцевиот удар му се случи на тренинг, пред носот на клупскиот лекар од Порто, вели неговиот менаџер Карлос Кутропија. Легендарниот голман во средата попладне доживеа инфаркт додека тренирал со тимот, но брзата реакција на лекарите му го спаси животот.

Касиљас експресно е префрлен во болница и е надвор од животна опаснсост, што е најважно во целата приказна. А можеше да биде поинаку…

„Икер имаше огромна среќа што сето тоа му се случи на тренингот на Порто, каде докторите веднаш реагираа. Да му се случеше ова дома, знаејќи го Касиљас, тој некако ќе собереше сили да отиде на тренинг и последиците ќе беа ужасни. Вака, лекарите реагираа многу брзо и многу сме им благодарни“, изјави Кутропија.

Агентот на шпанскиот голман вели дека Касиљас претходно немал симптоми дека нешто не е во ред со неговото срце.

„Никогаш ништо слично не му се случило, немал никакви проблеми. Ова е шок за сите. Сега е неважно дали губел свест при ударот, просто на половина тренинг почувствува дека не му е добро, почувствува болка во градите, устата и во раката. Немаше поим дека го погодил срцев удар. Стана свесен за целата ситуација дури по операцијата“.

Касиљас има 37 години и логично би било после ова да ја заврши кариерата.

„Не зборувавме за тоа, сега е најважно дека Икер е добро. Кога гледам дека се смее во болница, се чувствувам посреќно отколку кога ја крена светската шампионска титула со Шпанија. Ова е му е најголемата победа во кариерата“, истакна Карлос Кутропија.