Мемоарите на Барак Обама „A Promised Land“ и на македонски јазик


Тајната на успехот на мемоарите „Ветената земја“ кои поставија нов рекорд за книга од поранешен претседател е во раскажувачкиот талент на Обама, неговите скромност и објективност и во умешноста да инспирира во вакви драматични мигови во кои живееме уверувајќи нè да веруваме во моќта на демократијата

 

Мемоарите на поранешниот американски претседател Барак Обама, под наслов „Ветената земја“ (A Promised Land), што наскоро ќе бидат објавени на македонски јазик во издание на „Арс Ламина“, за еден месец беа продадени во 3,3 милиони примероци само во САД и Канада. Се очекува дека оваа, трета по ред, биографска книга на Обама, ќе стане најпродаваниот мемоар на еден претседател.

Мемоарите на 768 страници, со продажбата на првиот ден во САД и Канада по цена од 45 долари, постави нов рекорд за книга од поранешен претседател, според соопштението за печатот од престижниот издавач Penguin Random House. За споредба, мемоарите на „Decision Points “ на Џорџ В. Буш се продадоа во тираж од околу 220.000, додека „My Life “ на Бил Клинтон – 400.000 примероци, според Асошиејтед Прес.

Читателите на „Ветената земја“ ќе дознаат што се случувало зад кулисите на високата политика и за комуникацијата на Обама со неговите соработници кои имале слобода за некои негови потези да му кажат дека се тешко промашување. Тој пишува за своите амбиции, но и за емоциите, како кога во Осло ја примал Нобеловата награда за мир.

„Ги тргнавме завесите и здогледавме неколку илјади луѓе кои се беа собрале во раната квечерина и ја исполнуваа улицата под нас. Секој носеше во рака само по една запалена свеќа – традиционален начин на кој градот изразуваше почит кон лауреатот за мировната награда таа година. Тоа беше волшебна глетка, како од небото да се спуштиле езеро ѕвезди.“

Во контекст на наградата, Обама признава дека неговата јавна слика била предимензионирана. На тој начин тој во книгата постојано се преиспитува, сакајќи по секоја цена да избегне себефалење. Мошне отворено зборува за моментот кога решил да тргне во борба за Белата куќа. Дали тоа била одлука да се посвети на служење на нацијата или да го задоволи сопственото его? Искрено пишува и за студентските денови кога имал дилеми дали е доволно амбициозен или мрзлив. Ги признава недостатоците како сопруг и татко, зборува за лошите одлуки што ги донел, а кои често ги исправала сопругата Мишел.

Поранешниот претседател не се фали ни со економскиот успех на неговата администрација, а на политиката гледа ладно и сериозно. Дознаваме и дека Обама сакал редовно да ги чита писмата што му ги праќале Американците, обичните луѓе со реални проблеми. Од друга страна, многу се налутил на демонстрантите собрани на денот на испраќањето на Џорџ Буш од Белата куќа, сметајќи дека е „безобзирно и непотребно“ на таков начин да се однесуваат кон поранешен претседател.

Книгата на Обама открива повеќе од она што се знаеше досега за околностите во драматичниот период во Белата куќа, кога група милијардери се здружиле со цел да го уништат. Со голема почит пишува за Хилари Клинтон. За сегашниот американски претседател Џо Бајден вели дека е пристоен, чесен и посветен човек. За некои светски лидери вели дека биле искрени, други ги споредува со типовите од шпионските трилери.

Дел од книгата е посветен на неговата љубов Мишел, која направила најголема жртва за време на неговиот политички ангажман. Три необични жени, неговата баба, мајка му и Мишел со многушто го одредиле неговиот живот.

Обама не пропушта да одвои простор и за Доналд Трамп и за ксенофобичноста и паранојата на републиканците. „Трамп ветуваше еликсир за нивната расна анксиозност“, вели тој за влијанието на Доналд врз одредени групи Американци.

„Ветената земја“ е првата од двете книги за кои Барак потпиша договор вреден 65 милиони долари. Судејќи според тиражите, издавачот може да се надева на полн погодок, уривајќи рекорди во продаваност. Тајната на успехот е во раскажувачкиот талент на Обама, неговите скромност и објективност и во умешноста да инспирира во вакви драматични мигови во кои живееме уверувајќи нè да веруваме во моќта на демократијата.