Мелони дочекана како ѕвезда од Трамп


Италијанската премиерка Мелони вчера отпатува за Флорида за да се сретне со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во обид да ги зајакне врските со него пред неговата инаугурација на 20 јануари. Вработените во одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп и дадоа овации на Мелони откако новоизбраниот претседател ја претстави, според видеата споделени на социјалните мрежи. 

Нејзиното патување доаѓа неколку дена пред средбата со американскиот претседател Џо Бајден, кој треба да го посети Рим од четврток до 12 јануари. Трамп го победи Бајден на ноемвриските избори и се подготвува да се врати во Белата куќа.

Иако деталите за нивната средба не беа објавени, Мелони – според пишувањата на италијанските медиуми – планирала да разговара со Трамп за руската војна во Украина, трговските прашања, Блискиот Исток и италијанскиот новинар затворен во Техеран. Канцеларијата на Мелонi одби да ги коментира извештаите.

 

Мелони се смета за потенцијално клучен партнер за Трамп во Европа со оглед на нејзината конзервативна агенда и стабилноста на десничарската коалиција што ја предводи во Италија. Таа, исто така, создаде блиска врска со милијардерот Илон Маск, близок сојузник на Трамп кој потроши повеќе од четвртина милијарда долари за да му помогне да победи на изборите.

Состанокот на Мелони со Трамп траеше неколку часа, а на него присуствуваше и Марко Рубио, иден државен секретар во администрацијата на милијардерот републиканец. На средбата беше и Скот Бесант, идниот министер за финансии на Трамп, како и Мајк Волц, иден советник за национална безбедност во Белата куќа и Тилман Фертита, идниот американски амбасадор во Италија.

Мелони беше придружувана од италијанската амбасадорка во САД, Марианџела Запа. Мелони пристигна во Мар а Лаго околу 1:30 часот по полноќ по италијанско време и полета назад во Италија четири часа подоцна.

Според известувачот на „Волстрит журнал“, Трамп и рекол на Мелони дека таа „навистина ја освоила Европа“ и дека е „многу возбуден што е тука со фантастична жена, премиерката на Италија“. Рубио, пак, ја нарекол Мелони „голем сојузник и силен лидер“. 

Мелони е последната во низата странски лидери кои го посетија Трамп на Флорида по изборите на 5 ноември. Покрај неа, тој се сретна и со аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, унгарскиот премиер Виктор Орбан и канадскиот премиер Џастин Трудо.