Меланија Трамп во стилот на леди Дајана: Во бело го освои кралството


Англија– Првата дама на САД, Меланија Трамп е во фокусот на британските и светските медиуми со стилот а ла Леди Дајана, на првата официјална посета на американскиот претседател Трамп на Велика Британија.

Безвременскиот стајлинг на омилената Лејди Ди не може да се надмине, а Меланија одбирајќи елегантен комплет во нејзината омилена комбинација на бои, бела и морнарско сина, потсетуваше на елеганцијата на покојната принцеза.

Фустанот е на „Долче и Габана“, беспрекорен крој со сина крагна, а стајлингот го надополни со шапка на Херве Пјер и омилените чевли „Маноло Бланик“.

Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија вчера ја почнаа тридневната официјална посета на Британија. Двојката вчера се дружеше со кралицата Елизабета II , со принцот Чарлс и со војвотката Камила Боулс.

Американскиот претседател доби од британската кралица скратено прво издание на „Втората светска војна”, книга на Винстон Черчил. Книгата е печатена во 1959 година – има златна кралска шифра и рачно извезени ленти во бои на американското знаме, јави Си-Ен-Ен.

Кралицата му даде на Трамп и троен сет од налив-перо, пенкало со ролер и хемиски пенкала со кралски печат.

Меланија Трамп во меѓувреме доби специјално нарачана сребрена кутија со рачно изработен емајлиран капак.

По ручекот со кралицата претседателот на САД и првата дама Меланија Трамп  ја посетија Вестминистерска палата и положија венец на гробот на непознатиот јунак.

Речиси целото кралско семејство синоќа, во чест на гостите, вклучувајќи ги и децата на Трамп (Иванка Трамп носеше тоалета на „Каролина Херерра“) присуствуваше на свечената вечера. Меланија Трамп за овој настан навистина се потруди да изгледа беспрекорно, во долга бела тоалета на „Диор“ и фотографиите од Првата дама на САД ги преплавија светските медиуми.

Убавата Словенка блескаше во белиот фустан со ракавици.Нејзиниот сопруг за свечената вечера облече фрак.

На вечерата не беше присутна единствено војвотката Меган Маркл , која се извини поради тоа што има новороденче. Војвотката Кејт Мидлтон, во тоалета на „Александар Меквин“ и дијамантска тијара, и принцовите Вилијам и Хари исто така ги удостоија гостите.

Посетата е планирана повеќе месеци, а е по повод одбележувањето на 75-годишнината од Денот Д – истоварувањето на сојузниците во Нормандија.

Трамп денес ќе се сретне со Меј, само неколку дена пред таа да замине од функцијата в петок, а предвидена е и средба со американски и британски бизнисмени.

Посетата на Трамп на Велика Британија ќе заврши со голема церемонија во јужниот град Портсмоут на одбележување на Денот Д, кога на 6 јуни 1944 година се истоварија околу 160.000 американски, француски и други сојузнички војници во Нормандија, западна Франција, која беше окупирана од Германија за време на Втората светска војна.

Трамп потоа ќе отпатува за Ирска и Франција.