Мексико негира дека има намера да се приклучи на БРИКС


Министерството за надворешни работи на Мексико ги отфрли обвинувањата дека земјата сака да се приклучи на БРИКС, додавајќи дека со интерес го следи развојот на ситуацијата.

„Поради наводите кои кружат во медиумите за наводната понуда на Мексико да се приклучи кон БРИКС во 2024 година, Министерството за надворешни работи објавува дека оваа изјава е неверодостојна. Мексико нема поднесено барање за приклучување кон групата, но со интерес го следи развојот на ситуацијата, поради економската тежина на земјите членки и билатералната трговија што нашата земја ја води со членките“, соопшти Министерството.

Претходно, некои медиуми во Мексико објавија дека земјата има намера да се приклучи на БРИКС оваа година.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави во август 2023 година дека Мексико нема намера да се приклучи на БРИКС, иако го поздравува учеството на други земји во организацијата, од економски и геополитички причини.