Мексико: 29 лица убиени при апсењето на синот на Ел Чапо

Убиени се 10 војници и 19 членови на нарко-картелот. Се пукало и по авиони кои полетувале


Запалени автомобили и блокирани патишта по апсењето на синот на Ел Чапо

 

Најмалку 29 лица се убиени за време на крвавата операција за апсење на синот на мексиканскиот крал на дрогата „Ел Чапо“, соопштија мексиканските власти.

Овидио Гузман-Лопез (32), за кој се тврди дека бил водач на поранешниот картел на неговиот татко, бил фатен во Кулијакан и однесен во Мексико Сити во четвртокот.

Но, за време и по апсењето беа убиени 10 војници и 19 осомничени.

Бесни членови на банда поставија блокади на патишта, запалија десетици возила и нападнаа авиони на локалниот аеродром.

Уште 35 души воен персонал се повредени, а 21 вооружен маж е уапсен, изјави во петокот министерот за одбрана Луис Кресенсио Сандовал.

Гузман-Лопез – со прекар „Глувчето“ – беше извлечен со хеликоптер и пренесен во главниот град пред да биде одведен во федерален затвор со максимална безбедност.

Тој е обвинет дека водел фракција на озлогласениот картел Синалоа на неговиот татко – една од најголемите организации за трговија со дрога во светот.

САД понудија награда од 5 милиони долари за информации на Овидио Гузман-Лопез

Неговиот татко, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, отслужува доживотна казна затвор во САД, откако беше прогласен за виновен во 2019 година за трговија со дрога и перење пари. Неговото судење откри некои од бруталните детали за тоа како функционираат нарко картелите во Мексико.

Шестмесечната операција за набљудување за фаќање на Гузман-Лопез имаше поддршка од официјалните претставници на Соединетите Држави, рече Сандовал.

САД доделија награда до 5 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење или осудување, како и за тројца негови браќа, за кои исто така се смета дека ги задржале своите командни позиции во групата.

Но, федералниот судија во Мексико сега го суспендираше секој процес за екстрадиција против него, според локалните медиуми.

Операцијата, која започна во мугрите во Кулијакан, во државата Синалоа, северозападно Мексико, предизвика бран насилство од вооружените членови на картелот.

Десетици возила беа запалени, а најмалку два авиони на аеродромите во Синалоа беа погодени од огнено оружје, во нападите за кои е обвинет картелот. Поради тоа, на локалните аеродроми беа откажани повеќе од 100 летови.

Два авиони на мексиканските воздухопловни сили беа принудени да извршат итно слетување откако беа погодени од истрели од картелот, рече министерот за одбрана Сандовал.

Мексиканскиот претседател Андрес Лопез Обрадор рече дека мексиканските сили постапиле одговорно за да се грижат за цивилното население и да избегнат невини жртви. Сè уште нема информации за загинати цивили.

Дополнителни 1.000 војници се испратени во Синалоа за да помогнат во тековните безбедносни мерки.

Патниците се фралија на подот во авионот врз кого беше пукано

Трупот на авионот што требало да полета од Кулијакан до Мексико Сити бил погоден од огнено оружје за време на операцијата во четвртокот наутро додека се подготвувал за полетување, соопшти мексиканската авиокомпанија Аеромексико.

Ниту еден патник или вработен не е повреден.

„Додека забрзувавме за полетување, слушнавме истрели многу блиску до авионот и тогаш сите се фрливме на подот“, изјави еден од патниците, Дејвид Телез, за новинската агенција Ројтерс.

Американскиот претседател Џо Бајден треба да го посети Мексико на самитот на северноамериканските лидери следната недела. Тој сега ќе пристигне во недела, еден ден порано од претходно очекуваното, според твитот на министерот за надворешни работи на Мексико, Марсело Ебрард. Не беше наведена причина зошто доаѓа порано.

Имаше блокади во различни делови на градот, а жителите беа повикани да останат дома. Беа ограбени и многу продавници, а имаше и размена на истрели меѓу безбедносните сили и членовите на бандата.