Мекшејн сега часовникот ѝ го покажува на Европа


Германија која одби да крене прст за да ѝ помогне на Грција за време на кризата со еврото, најверојатно нема да се мачи да помогне да се реши балканското прашање во ЕУ, пишува поранешниот британски министер за Европа

 

Поранешниот британски министер за европски прашања, Денис Мекшејн остана запаметен кај нас откако во 2004 пред новинарите го извади часовникот и изјави: „Секоја земја има многу едноставен избор. Или го навивате вашиот часовник напред, или го враќате назад“.

Денес тој објави колумна во „ЕУ Обсервер“ во која практично часовникот ѝ го дава на Европската унија. Во колумната тој ја повикува Грција да го преземе лидерството за да се надмине застојот на евроинтеграцијата на Западен Балкан, бидејќи Емануел Макрон се плаши дека ќе му наштети на изборите, а  Германија е индиферентна околу иднината на овие земји. За да го оствари тоа и да го поттурне регионот, тој ја упатува Атина на соработка и помош од американскиот претседател Џо Бајден. 

„Грчкиот лидер, Мицотакис, ја сврти својата партија на десниот центар Нова демократија за да го прифати постоењето на Северна Македонија како мала држава од Западен Балкан. Тој се соочи со грчките десничарски националисти кои инсистираа дека политичките лидери во Скопје се обидуваат да го украдат националниот идентитет на Грција, вкоренет во наследството на Филип Македонски, кој го остави своето име во џиновскиот грчки регион Македонија, далеку поголем од малата провинција од поранешниот Југославија.

Путин се обиде да го исфрли од колосек договорот Атина-Скопје бидејќи Кремљ ја мрази идејата малите нации од Западен Балкан, како Северна Македонија, да бидат целосно инкорпорирани во ЕУ и во НАТО, како балтичките држави или другите поранешни советски колонии во Европа. Мицотакис ги отфрли Путин и неговите грчки националисти по прашањето за Северна Македонија. Сега тој има можност да преземе вистинско европско водство за Западен Балкан.

Ниту еден од големите играчи на ЕУ, како Германија или Франција, не е подготвен да покаже лидерство. Претседателот Макрон смета дека ако франкофилната Албанија, а камоли Косово да се доближи до Европа, неговата исламофобска противничка Марин Лепен ќе го обвини дека пуштил две муслимански нации во мнозинство.

Берлин отсекогаш бил рамнодушен кон Балканот откога Бизмарк забележа дека тој регион ‘не вреди ни колку животот на еден Померанец гренадир’. Германија, некогаш меркантилистичка, продаде шест напредни подморници на Турција – што го нарушува деликатниот баланс на моќта во источниот Медитеран. Германија која одби да крене прст за да ѝ помогне на Грција за време на кризата со еврото, најверојатно нема да се мачи да помогне да се реши балканското прашање во ЕУ.

Во меѓувреме, претседателот Бајден го ревидираше повлекувањето на Доналд Трамп од регионот со извршната наредба и со поддршката од САД за различни меѓународни договори, од Дејтонскиот договор од 1995 година со кој се запре српскиот напад врз Сараево, па натаму. Новата извршна наредба инсистира на приматот да се изведат пред лицето на правдата оние што се одговорни за масовните колежи и етничкото чистење за време на балканските војни во 1990 -тите. Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, служеше како портпарол  на Слободан Милошевиќ и српските медиуми ја поттикнуваат омразата против својот мал сосед. Официјални претставници на Стејт департментот, исто така, информираа дека Вашингтон сака да го заштити Западен Балкан од руско, турско или кинеско влијание.

Најдобар начин да се оди напред ќе биде да започне влегувањето на малите нации меѓу Егејското Море и Алпите во ЕУ. Грција има клучна улога тука. Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Костас Франгојанис, вели дека долгорочна стратешка цел на Грција е интеграција на регионот на Западен Балкан во Европа.

Тој е поддржан од Словенија, една од двете поранешни југословенски нации, што ја имаше таа среќа да влезе во ЕУ во 2004 година. Другата е Хрватска. Но, остатокот од Западен Балкан е оставен да венее, а ЕУ не може да понуди никаков пат напред, бидејќи нејзините земји-членки, затворени во сопствените национални егоизми, не можат да се договорат за напредок.

Словенија сега го презеде шестмесечното претседателство со ЕУ. Нејзиниот ексцентричен премиер, Јанеш Јанша, во регионот се смета за мал Виктор Орбан, но словенечките службеници и дипломати се паметни и се посветени на завршувањето на проширувањето на ЕУ, за да ја заокружат територијата помеѓу Словенија на Алпите и Грција на Егејското Море. Словенечката влада организира самит за Западен Балкан во октомври.

Последното нешто што му треба на регионот е моделот на нелиберална авторитарна влада со напади врз судии и новинари на начин на кој тоа го прават Орбан и Јанша. Но, останува фактот дека земјите-членки на ЕУ, кои се приклучија на ЕУ пред 25 години, се многу посвесни за дупката со Западен Балкан во ЕУ, отколку земјите-членки на ЕУ од претходно…

Атина веќе направи голем чекор напред со нормализирање на односите со Северна Македонија. Следниот чекор што би бил добредојден во Вашингтон ќе биде нормализирање на односите со Косово. Ова ќе добие поддршка од претседателот Бајден и повеќето влади на НАТО и ќе испрати сигнал до Путин и Ердоган дека Западен Балкан е дел од Европа… Работејќи во партнерство со Грција, како Франција и Германија по 1945 година, нудејќи му рака на помирување на Косово, Белград може да стане дел од решението за Западен Балкан и повеќе да не е пречка регионот да се приближува кон Европа. Сега, откако Грција е целосно дел од Европа, Атина работејќи како партнер и сојузник на Вашингтон може да им помогне на соседите од Западен Балкан да ја постигнат истата цел“, пишува Мекшејн.