„Мекдоналдс“ по 11 години ги затвора вратите во БиХ


 

Синџирот ресторани за брза храна „Мекдоналдс“ во сабота ќе престане да работи во Босна и Херцеговина (БиХ), по цели единаесет години, откако компанијата ја одзеде дозволата за работа на франшизата таму поради низа скандали.

„Да, точно е! ‘Мекдоналдс’ ќе престане да работи од сабота поради низа проблеми. Порталите ги дадоа точните информации”, изјави за Хина до неодамна вработен во локалната франшиза на „Мекдоналдс“.

Проблемите настанаа кога Жупанискиот суд во Сараево нареди да и се врати просторот во кој се наоѓаше ресторанот на „Мекдоналдс“ на Рајфајзен банка поради заостанати кирии на почетокот на декември. Локалните медиуми наведуваат дека се работи за долг од половина милион евра.

Рајфајзен банка потврди дека добиле пресуда против компанијата Gliese 581g, која беше локална франшиза на „Мекдоналдс“, но не ја објавија висината на долгот.

Телевизијата Н1 наведе дека по таа пресуда и низа констатирани неправилности и криминали, раководството на компанијата „Мекдоналдс“ за Европа го раскинало договорот со локалната франшиза, поради што од сабота се затвораат голем број ресторани отворени во Сараево и Мостар.

Порталот Рапорт, пак, наведува дека БиХ на тој начин се нашла во друштво на Русија и Белорусија. Таму „Мекдоналдс“ ги затвори своите ресторани во знак на солидарност со Украина, а во Босна и Херцеговина „поради криминал и насилство“, изјавија тие.

Голем број други медиуми во Босна и Херцеговина објавија информација за затворање на рестораните на „Мекдоналдс“ во Босна и Херцеговина по 11 години работа, додека за тоа од „Мекдоналдс“ не се произнесоа.