Мекдоналдс ќе ги откупи сите свои ресторани во Израел
Американскиот синџир за брза храна Мекдоналдс објави дека ќе ги купи сите свои ресторани во Израел од компанијата Alonial, која ја има франшизата на Мекдоналдс за Израел.
Одлуката уследи откако брендот се соочи со бојкоти во многу земји поради наводна поддршка на Израел во неговата војна со палестинскиот Хамас.
Мекдоналдс објави дека постигнал договор со споменатата компанија, јавува Би-би-си.
Компанијата Мекдоналдс на тој начин ќе ја врати сопственоста на 225 ресторани во Израел кои вработуваат 5.000 луѓе, а условите за продажба не се откриени.
Мекдоналдс изјави дека „останува посветен на израелскиот пазар“ и му се заблагодари на Alonial за градењето на брендот на американската компанија во Израел во изминатите 30 години.
Извршниот директор на Alonial, бизнисменот Омри Падан, рече дека е „охрабрен од она што го носи иднината“. Мекдоналдс се најде на удар и бојкот откако Алониал почна да дели илјадници бесплатни оброци на израелските војници.
Земјите со мнозинско муслиманско население како Кувајт, Малезија и Пакистан се оградија од Мекдоналдс, а бојкотот на компанијата се прошири и во други земји надвор од Блискиот Исток како Франција или Индонезија.
Извршниот директор на Мекдоналдс, Крис Кемпчински, на почетокот на годината изјави дека неговата компанија е жртва на „дезинформации“, но истовремено призна дека бојкотот има значително влијание врз нејзиното работење и приходи.