„Мекдоналдс“ ѝ наложи на администрацијата да работи од дома, по е-пошта ќе им соопшти кој добил отказ


Американскиот синџир за брза храна „Мекдоналдс“ (McDonald’s) неделава привремено ќе ги затвори своите канцеларии во САД и ќе го намали бројот на административниот персонал, објави „Волстрит џурнал“.

Весникот наведува дека раководството на корпорацијата минатата недела испрати интерна е-пошта до своите вработени во САД и нивните колеги во странство. Од нив е побарано да работат од дома од денеска до среда, за да може Мекдоналдс да ги извести за отказите, не лично, туку преку електронска порака.

Сè уште не е познато колку вработени ќе добијат отказ.

– Во текот на неделата што започнува на 3 април, ќе ги објавиме клучните одлуки поврзани со бројот на вработени и работните должности во компанијата, објави корпорацијата, со седиште во Чикаго.

Претстојните отпуштања се дел од планот за реструктурирање на работењето на „Мекдоналдс“.

Во јануари, синџирот за брза храна соопшти дека ќе го „преразгледа бројот на вработени“ поради ажурираната деловна стратегија. Ова може да доведе до отпуштања во некои одделенија и проширување на операциите во други, објави „Мекдоналдс“.