Меѓуресорска група работи на подобрување на условите за предучилишен развој


Консултативната работна група, формирана да го надгледува процесот и да дава предлози за подобрување на пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, особено за децата од социјално загрозени средини, го одржа својот прв состанок, кој поради превенција и заштита од Ковид-19 се одржа онлајн.

Оваа консултативна група ја сочинуваат претставници на Министерството за труд и социјална политика, на други релевантни министерства, државни и меѓународни институции, на академската заедница, на вработените во предучилишните установи во земјата, како и претставници од невладиниот сектор.

-Покрај тоа што работиме на зголемување на капацитетите за сместување на деца во предучилишни установи, интензивно работиме и на зголемување на квалитетот на кадарот кој што е задолжен за грижа за дечињата. Инициравме активности за воспоставување систем за професионален развој и напредување во кариерата на практичарите од предучилишно образование и грижа, посочила министерката Шахпаска на состанокот.

Таа информирала дека во фаза на реализација е и проектот преку ИПА – 2017 ‘’ Raising the quality of pre-school education and care”, чија главна цел е подобрување и подигнување на квалитетот на предучилишното воспитание и образование.

Активностите предвидени со проектот се структурирани во три компоненти – модернизација на професионален и кариерен развој на вработените во предучилишните установи, ревизија на моделот на (ре) лиценцирање на вработените во предучилишните установи, како и зајакнување на вклученоста на родителите во предучилишното образование и грижа, особено за децата во ризик.

На состанокот, како што информира МТСП, покрај тоа што биле презентирани предвидените активности за зајакнување на системот за обука на наставниците во системот на предучилишно згрижување и воспитание, бил претставен и еден од светски признатите модели, алатки и инструменти за мерење на квалитетот и резултатите од раното учење.

Основната цел на втората компонента од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка е проширување на пристапот до квалитетни услуги за децата до шестгодишна возраст низ целата земја, со посебен акцент на децата од ранливите групи и децата со попреченост, како и подобрување на квалитетот на услугите за згрижување и воспитание на децата.

-Една од најмудрите работи кои земјата треба да ги направи за да обезбеди еднаквост и долгорочен просперитет за сите граѓани е да инвестира во раното детско образование. Светска банка, во соработка со Владата и партнерите работи на имплементација на политики и програми за зголемување на пристапот до квалитетно рано образование за децата со цел да се обезбедат развојните потреби за сите деца. Проектот е дизајниран да креира опкружување кое ќе ги поттикнува вештините за успех во училиште и во текот на животот, истакнала Бојана Нацева, виш експерт за образование.

Преку овој Проект се обезбедуваат и грантови за изградба на нови детски градинки и центри за ран детски развој, како за проширување на постоечки капацитети и пренамена на постојни објекти во установи за згрижување и предучилишни деца.