Меѓународниот суд му нареди на Израел да ја запре воената офанзива во Рафа

Пресудата на врвниот суд на Обединетите нации го става во уште поизолирана ситуација Израел, но тој веројатно ќе ја отфрли


Судиите од Меѓународниот суд на правдата за време на изрекување на пресудата (Фото: АП)

 

Врвниот на Обединетите нации во петокот му нареди на Израел веднаш да ги прекине своите воени операции во градот Рафа во јужна Газа, но не нареди целосен прекин на огнот. Иако Израел веројатно нема да ја исполни наредбата, тој ќе го засили притисокот врз сè поизолираната земја.

Расте критиките за однесувањето на Израел во војната во Газа, особено за операциите во Рафа – па дури и од неговиот најблизок сојузник, САД. Само оваа недела, три европски земји објавија дека ќе ја признаат палестинската држава, а главниот обвинител на друг суд на ОН побара налози за апсење на израелските лидери, заедно со претставници на Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, е под силен притисок дома да ја прекине војната, која беше предизвикана кога милитантите предводени од Хамас упаднаа во Израел, убивајќи 1.200 луѓе, повеќето цивили, а заробија околу 250. Илјадници Израелци се приклучија на неделните демонстрации кои ја повикуваат владата да постигне договор за враќање на заложниците дома, стравувајќи дека времето истекува.

Иако пресудата на Меѓународниот суд на правдата е удар за меѓународната положба на Израел, судот нема полициска сила за да ги спроведе неговите наредби. Во друг случај, Русија досега ја игнорираше наредбата од 2022 година на судот за запирање на нејзината целосна инвазија на Украина, јави Асошиетед прес.

Пред пресудата, Израел исто така сигнализираше дека ќе ја отфрли наредбата на МСП да ги прекине своите операции. „Ниту една сила на земјата нема да го спречи Израел да ги заштити своите граѓани и да тргне по Хамас во Газа“, рече Ави Химан, портпаролот на владата, на брифинг за новинарите во четвртокот.

Претседателот на судот, Наваф Салам, ја прочита пресудата, додека мала група пропалестински демонстранти демонстрираа надвор.

Стравувањата за операција во Рафа се „материјализирани“, се вели во пресудата, а „хуманитарната ситуација сега треба да се окарактеризира како катастрофална“.

Судот, исто така, му нареди на Израел да го остави отворен преминот Рафа кон Египет „за непречено обезбедување на итно потребни основни услуги и хуманитарна помош“.

Судот не повика на целосен прекин на огнот низ Газа како што побара Јужна Африка, која го покрена случајот, на сослушувањата минатата недела.

Барањето за прекин на огнот е дел од случајот поднесен кон крајот на минатата година, во кој се обвинува Израел за геноцид за време на неговата кампања во Газа. Израел жестоко ги отфрла обвинувањата. Случајот ќе потрае со години за да се реши, но Јужна Африка сака привремени наредби за заштита на Палестинците додека трае правната расправија.

Судот во петокот пресуди дека Израел мора да обезбеди пристап за која било мисија за утврдување на факти или истражна мисија испратена од Обединетите нации да ги истражи наводите за геноцид.

На јавните расправи минатата недела во Меѓународниот суд на правдата, јужноафриканскиот амбасадор во Холандија, Вусимузи Мадонсела, побара од панелот од 15 меѓународни судии да му нареди на Израел „целосно и безусловно да се повлече“ од Појасот Газа.

Судот веќе утврди дека воените операции на Израел претставуваат „реален и непосреден ризик“ за палестинскиот народ во Газа.

Во израелската офанзива загинаа повеќе од 35.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, кое не прави разлика меѓу борци и цивили. Операцијата уништи цели населби, стотици илјади луѓе ги напуштија своите домови, а делови од територијата турна во глад.

„Ова можеби е последна шанса за судот да дејствува“, им рече на судиите минатата недела ирскиот адвокат Блин Ни Гралаи, кој е дел од правниот тим на Јужна Африка.

Израел ги отфрла тврдењата на Јужна Африка, нација со историски врски со палестинскиот народ.

„Израел презема вонредни мерки со цел да ја минимизира штетата врз цивилите во Газа“, рече Тамар Каплан-Тургеман, член на израелскиот правен тим, пред судот минатата недела.

Во јануари, судиите на МСП му наредија на Израел да стори сé што може за да спречи смрт, уништување и какви било акти на геноцид во Газа, но комисијата не нареди прекин на воената офанзива. Во втората наредба во март, судот рече дека Израел мора да преземе мерки за подобрување на хуманитарната ситуација.

МСП одлучува во споровите меѓу нациите. На неколку километри подалеку, Меѓународниот кривичен суд поднесе обвиненија против поединци кои ги смета за најодговорни за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

Палестинските власти ја поздравија одлуката, велејќи дека таа претставува меѓународен консензус за ставање крај на војната во Појасот Газа, изјави за Ројтерс портпаролот на палестинскиот претседател Набил Абу Рудеина.

И Хамас ја поздрави одлуката на МСП за Рафа, но рече дека таа не е доволна и побара да се стави крај на израелската офанзива врз цела Газа, пренесува Ројтерс. Хамас го повикува Советот за безбедност на ОН да ја спроведе одлуката на МСП.

Ројтерс, исто така, известува дека екстремно десничарскиот министер за финансии на Израел, Безалел Смотрич, изјавил дека по пресудата на светскиот суд, оние кои бараат Израел да ја прекине војната „бараат тој да одлучи да престане да постои“. Тој додаде: „Израел нема да се согласи со тоа“.

На Икс, израелскиот министер Итамар Бен-Гвир објави: „Наредбата на антисемитскиот суд во Хаг треба да има само еден одговор – окупација на Рафа, зголемување на воениот притисок и уништување на Хамас, додека не се постигне целосна победа во војната“.