Меѓународниот семинар за македонски јазик ќе чествува годишнини на пет книжевни великани

Македонисти од 18 земји од светот ќе учествуваат на Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје која се одржува онлајн од денеска до 1 февруари.
Како што информира УКИМ, учесници се македонисти од Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Кина, Полска, Романија, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка.
На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис и ќе се чествуваат годишнини за – Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години од раѓањето), Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).
Семинаристите ќе работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).
-На отворањето ќе се обратат претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, којашто е покровител на школите на Семинарот, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска. Ректорката на УКИМ, по повод одржувањето на Школата, наведе дека е од исклучителна важност големиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, со што се негува неговото постоење и се афирмира во светски рамки, информира Скопскиот универзитет.
Меѓународниот семинар при УКИМ досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, со над 4300 учесници од повеќе од 60 земји во светот, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката.
-Меѓународниот семинар при УКИМ развива дејност на 11 лекторати по македонистика во девет земји на странските универзитети, каде е забележен голем интерес од страна на студентите, се наведува во соопштението на УКИМ.