Меѓународниот аеродром Скопје ќе биде затворен вечерва од полноќ


Меѓународниот аеродром Скопје ќе биде затворен вечерва од полноќ, за патнички летови, сè до следното известување, согласно одлуката на Владата од синоќешната седница за спречување на внесување и ширење на корона вирусот, соопшти вчера концесионерот ТАВ Македонија.

Оттаму ги информирале сите авиокомпании и засегнати страни за оваа одлука, којашто М-НАВ ја објави во НОТАМ – авијациски документ кој ги информира сите авиопревозници за важни и итни пораки.

„Во претстојниот период, на Меѓународниот аеродром Скопје ќе нема патнички летови, освен државни, воени, хуманитарни, медицински, санитарни и карго летови. До затворањето, авиосообраќајот ќе се одвива според распоредот на летови кој патниците можат да го проверат на нашата веб-страница http://skp.airports.com.mk/, но со оглед на тоа што ситуацијата со корона вирусот се менува многу брзо, стои во соопштението.

Како што наведуваат, граѓаните треба да ги следат последните објави за нивните летови на веб-страниците на авиокомпаниите и да ги контактираат нивните оддели за клиенти.

„За сите евентуални натамошни промени во работењето на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, кој беше затворен во неделата, на 15-ти март, исто така врз основа на одлука на Владата, ќе ги информираме патниците и јавноста, согласно информациите и одлуките на Владата штом ќе ги добиеме преку медиумите, нашите веб-страници http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/, како и нашите страници на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм, информира ТАВ Македонија.