Меѓународна женска мото-штафета: Македонките ќе ја покажат страста кон мотоциклите

Првпат во историјата на женскиот мотоциклизам се одржува Меѓународна женска мото-штафета, каде што моторџики од повеќе држави ќе земат учество. Во оваа штафетата е вклучена и Македонија.

Сакајќи да поттикне глобално сестринство од инспиративни жени кои ќе промовираат храброст, авантура, единство и страст за мотоциклите од сите страни на светот и да направи нешто што никогаш не било направено, Хејли Бел, една од основачите на WRWR (Women Riders World Relay 2019 – мото-штафета од глобален карактер во која учествуваат жени моторџики), го започна овој подвиг со силна порака.

Разочарани со тоа дека жените се маргинализирани во мото-индустријата, така што не се прават доволно производи за понежниот пол, жените на две тркала од целиот свет се здружија да го докажат тоа дека постојат и дека возат мотори со страст и пасија како и мажите.

Македонките моторџики со гордост се приклучија и ќе ја претстават нашата земја во најубаво можно светло. WRWR низ нашата држава ќе помине на 3 и 4 април 2019 година. Првиот ден ќе се вози траса Струга – Струмица, а вториот ден траса Струмица – Скопје.

Штафетата ќе биде пречекана од страна на македонските моторџики на албанската граница на граничниот премин „Ќафасан“ и ќе се вози по веќе дефинираните траси. На 4 април штафетата пристигнува во Скопје а на 5 април ќе биде предадена на моторџиките од Србија на граничниот премин „Блаце“.

Овој настан е подржан од повеќе мото-клубови во државата.

Апликациите за сите жени моторџики се отворени до четврток 28 март. Моторџиките кои би сакале да учествуваат а сè уште не се регистрирани може да го сторат тоа на: https://womenridersworldrelay.com/routes/

Мажите се повеќе од добредојдени да учествуваат во овој настан, како поддршка и придружба.

Штафетата, која тргна од Шкотска во Февруари 2019 година, и понатаму патува низ Ирска, Велс, Велика Британија, Шпанија, Португалија, Андора, Италија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Македонија, Србија, Унгарија, Словачка, Полска и така натаму, сè до враќањето на штафетата во Велика Британија во јануари/февруари 2020 година.