Меѓународна научна конференција за митот и драмата во Скопје


„Мит и драма: современи интерпретации“ е меѓународна научна конференција која денеска и утре ќе се одржува во просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Настанот е организиран под покровителство на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, а во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонска литература и Факултетот за драмски уметности.

Како што најавија од Факултетот за драмски уметности, повеќе од педесет експерти од областа на хуманистичките науки и театарските студии, кои истражуваат во земјава и во странство, ќе дискутираат за комплексните релации меѓу драмата и митот, од времето на антиката па сѐ до денес, во глобални рамки.

Конференцијата предвидува и две пленарни предавања, од истакнати професорки од оваа област – Светлана Слапшак, редовен професор и декан во пензија од Институт за балкански и медитерански студии и култура, ИБАМЕСК, Љубљана и Катерина Колозова, редовен професор и директор на Институтот за општествени и хуманистички науки, Скопје.

По завршувањето на конференцијата, предвидени се и презентации на резултатите од работилниците наменети за студенти, по креативно пишување и театарска изведба, кои ги водеа професорите Зоја Бузалковска, Маја Стевановиќ и Александар Степанулевски од Факултетот за драмски уметности во Скопје.