Меѓународна конференција „Траумата во литературата“
Меѓународна конференција „Траумата во литературата“ ќе се одржи денеска и утре во „Јуроп хаус“- Скопје во 9,30 часот. Конференцијата е дел од научно-истражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука.
Како што наведуваат организаторите, траумата денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина. Како комплексен психолошки феномен што се проучува низ различни научни дисциплини, траумата сè повеќе добива истражувачки интерес и во полето на книжевните и културолошките студии.
-Оваа година, кога Институтот за македонска литература одбележува 45 години постоење, вкупно 28 истражувачи од земјава и странство имаат можност заедно да работат на значаен научно-истражувачки проект „Траумата во литературата“ под раководство на проф. д-р Ана Мартиноска. Истражувањата опфаќаат широк спектар на теми: миграции, егзил, воени конфликти, природни катастрофи, климатски промени, транзициски процеси, насилство, телесни тортури, ментални нарушувања, трансгенерациски трауми, табуа и други, стои во соопштението.
На конференцијата, според организаторите, е предвидено да се обратат министерката за образование и наука, Весна Јаневска, директорката на Институтот за македонска литература Наташа Аврамовска и Ана Мартиноска, раководителка на проектот.