Меѓународна изложба „Гледај тука сум без простор“ во МСУ


Во трите галериски простори на Музејот на современата уметност во Скопје вечер од 20 часот ќе биде отворена меѓународна изложба „Гледај тука сум без простор“.

Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои селектираа 40 дела од севкупната уметничка колекција – 249 дела. Со оваа колекција располага Дојче Телеком, во чие депо се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји од источниот и југоисточниот дел на Европа.

Уметничката колекција на Дојче Телеком е иницирана во 2010 година со намера да колекционира современи дела од уметници од Источна и Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на Железната завеса.

-Овие уметници го искусија процесот на општествениот пресврт и преку сопствената биографија. Тие се современи сведоци на драматичните големи и многу мали промени што општествата ги доживеале во последните три децении. Колекцијата се состои од дела кои се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации, соопштија од МСУ.

Според кураторките Гаќина и Попова, намерата на изложбата е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов контра-распоред во културата.

Исто така, ќе бидат изложени и дела од уметничкиот колектив Словени и Татари”, Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија, Ева Котаткова од Чешка, Петрит Халилај и Флака Халити од Косово, Агњешка Полска од Полска, Младен Стилиновиќ од Србијa, Јасмина Цибиќ од Словенија, Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина, Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од Хрватска, Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија, уметничкото дуо „Мала Варшава“ од Унгарија, Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов од Украина и Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција.

Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче Телеком, се дела и од двајца македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата на МСУ.

Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември.