Меѓународен собир за 60 години постоење на Катедрата за италијански јазик и книжевност


Фото: Б. Грданоски
На Катедрата за италијански јазик дипломираа  повеќе од 700 студенти. Станува збор за предувачи, толкувачи и наставници во училиштата. Од минатата година италијанскиот јазик може да се изучува во сите средни и основни училишта како втор странски јазик, беше истакнато на меѓународниот собир што беше отворен денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, по повод 60 години постоење на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филошкиот Факултет „Блаже Конески“.

Дводневниот собир е насловен „Италијанистиката во третиот милениум – новите предизвици во јазичните, книжевните и културните истражувања – 60 години изучување италијански јазик на УКИМ“, ќе се одржува на Филошкиот Факултет „Блаже Конески“, а ќе учествуваат домашни и странски истражувачи од областа на италијанистиката.

Италијанскиот амбасадор Карло Ромео истакна дека се многу горди што на на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ има голем интерес за изучувањето на италијанскиот јазик, литература и култура.

– На денешната конференција присуствуваат повеќе од 80 учесници, претставници на факултети од повеќе држави и професори по италијанистика, додаде Ромео.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми укажа на важноста на јубилејот 60 години изучување италијански јазик во најстариот универзитет – УКИМ и се заблагодари на Катедрата за италијански јазик, на претставниците од академската и научната заедница и на истражувачите кои дале и даваат придонес за негување и изучување на италијанскиот јазик.

– Ние се водиме од идејата дека што повеќе јазици знаеш толку повеќе вредиш и затоа нашите активности и политики се во таа насока. Од минатата година италијанскиот јазик е во националниот образовен процес како втор странски јазик, додаде Адеми.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски рече дека постојано има настани поврзани со италијанскиот јазик, има зголемување на бројот на студентите кои го изучуваат јазикот, кулутрата и литература таи над 150 преведени книги од италијански јазик, што укажува на фактот дека интересот за проучување на италијанскиот јазик, литература и култура е голем.

– Како Универзитет правиме се за да ги подобриме условите и да ја зголемиме соработката и активностите на Катедрата по италијански јазик, додаде Јанкуловски.

Раководителка на Катедрата за италијански јазик и книжевност Александра Саржоска информира дека на собирот учествуваат повеќе од 80 италијанисти од земјава, Италија, Бразил, Франција, Летонија, Црна Гора, Шпанија, Полска, Србија, Унгарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Словенија, Романија, Грција и Албанија.

Во рамки на собирот ќе се одржат голем број предавања од областа на италијанискиот јазик, култура и литература, а во чест на 60-те години изучување на италијанскиот јазик на УКИМ, Амбасадата на Италија утревечер во Филхармонијата ќе организира свечен концерт на кој ќе настапи тенорот Благој Нацоски.