Меѓународен натпревар за квалитет на мед во Тетово


Меѓународен натпревар за квалитет на медот ќе се одржи во Тетово на крајот од октомври, а во рамки на организацијата викендов во градот стручна комисија изврши проценка на пристигнатите примероци мед. Натпреварот го организираат здруженијата „Полошки мед“ и „Градот на пчелите“.

-Викендов стручна меѓународна комисија од четворица дегустатори врши проценка на седум органолептички парамери за квалитетот на медот. Се тестираа 250 примероци на мед од вкупно 15 земји. Комисијата ја предводи Слободан Јефтиќ, меѓународен судија од Србија, изјави Владимир Петровски, претседател на здружението „Полошки мед“.

Во текот на наредните денови ќе се спроведе и втората фаза за бодување на примероците мед преку хемиска анализа. Сите учесници ќе добијат бодови и рангирање кое ќе биде познато на денот на одржување на натпреварот кога и ќе се претстават производителите.

-Целта е да се потенцира дека имаме квалитетен мед и да оддадеме поддршка на овој вид органско производство. Од нашата земја сакаме да го издвоиме медот од костен како најквалитетен од сите видови, рече Петровски.

На завршниот дел од натпреварот производителите ќе се претстават во повеќе групи на мед-ливадски, багремов, костенов, метлика и други видови.