Меѓу жените има повеќе психопати отколку што се мислеше


Општо се верува дека психопатите немаат емпатија и вина, покажуваат асоцијално однесување, често лажат и се нарцисоидни и манипулативни. Според Клајв Боди, експерт за психопати во корпоративното опкружување на Универзитетот во Англија Раскин – бројот на жени со невропсихијатриско нарушување може да биде многу поголем отколку што се мислеше.

„Психопатите сакаат пари, моќ и контрола. Однесувањето на женските психопати е прилично суптилно и помалку очигледно од машките психопати и затоа е потешко да се препознае. Мал, но сè поголем број докази сугерира дека женските психопати имаат тенденција да го изразуваат насилството вербално, а не физички“, изјави Боди, како што пренесува The Guardian.

„Во исто време, насилството од релациона и емоционална природа е посуптилно и помалку очигледно од она што го изразуваат машките психопати. Овој вид насилство може, на пример, да вклучи ширење невистини за лична корист“, додава тој.

Проблеми со тестирање
Еден од главните проблеми, вели Боди, е тоа што дел од проценката (Левенсоновата скала за самооценување на психопатија, LSRP) што се користи за идентификување на психопатите е моделирана по утврдување на нарушувањето кај мажите. Првиот дел од LRSP се осврнува на тоа колку личноста е емотивно одвоена, себична и манипулативна, додека вториот (покрива психопатски начин на живот) се фокусира на насилство и асоцијално однесување.

„Секундарниот елемент главно се засноваше на истражување на психопатски криминалци кои отслужуваа затворска казна во тоа време, така што овие мерки многу веројатно не се погодни за идентификување на психопатија кај жените“, рече Боди, додавајќи дека исто така има многу помалку студии кои го разгледуваат ова нарушување на личноста кај жените отколку кај мажите.

Според некои претходни проценки, односот на машките и женските психопати е 10:1, но истражувањето на Боди, во кое е користен само првиот дел од LSRP, сугерира дека работите се поинакви. „Односот е речиси еден спрема еден“, рече Боди, но додаде дека се потребни подетални студии за вистинската слика.

Психопатски особини кај жените
Иако се проценува дека само 1% од мажите го имаат ова нарушување на личноста, дијагнозата се однесува на едниот крај од спектарот. „Проценките кои го користат првиот дел од LSRP сугерираат дека има околу 23% од мажите кои, иако не се категорично психопатски, имаат доволно особини за да бидат проблематични за општеството“, рече тој.

Според истражувањето на Боди, кое било спроведено на таканаречените „работници на белата јака“ (општествена група која се занимава со работа која бара високо образование и професионални квалификации), ваквите особини не се невообичаени ниту кај жените. „Околу 12 до 13% од жените имаат доволно од овие особини за да бидат потенцијално проблематични“, вели Боди.

Препознавањето на психопатијата кај жените и мажите е многу важно, според Боди, бидејќи таквите поединци можат да имаат огромно влијание на работното место, односно да ги занемарат или малтретираат другите вработени и да создадат токсична работна атмосфера. Во компаниите управувани од такви поединци, може да дојде до губење на моралното водство, што пак може да влијае на тоа како луѓето ги перцепираат големите организации.

„Другите тогаш во оние на врвот гледаат алчност, лаги и бесчувствителност; што ги поткопува демократијата и владеењето на правото“, рече Боди, кој се залага за проверка на заднината на кандидатите за нови работни места за да се заштитат другите вработени.