„Меѓу срцето и умот“ – концерт со врвната виолинистка Алена Баева во Филхармонија


Оркестарот на Македонската филхармонија в четврток, во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Меѓу срцето и умот“ на кој како солистка ќе настапи врвната виолинистка Алена Баева од Луксембург. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата е Концертот за виолина и оркестар бр.2 од Сергеј Прокофјев и Симфонијата бр.8 од Дмитри Шостакович.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади иригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987-та е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија,  Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата Личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.

 Алена Баева брзо се етаблира како еден од водечките виолинисти на нејзината генерација, со веќе завидна кариера зад себе и настапи со најдобрите светски оркестри и диригенти. Баева е родена 1985 во семејство на музичари. Првите часови по виолина ги добива во Алма-Ата, Казахстан, на петгодишна возраст, од познатиот педагог Олга Данаилова. Од 1995 година учи во класата на проф. Едуард Грач во Централното музичко училиште при Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“, а од 2002 – 2007 на самиот  конзерваториум. Покрај формалното образование, Баева како протеже на М’стислав Ростропович учи во Париз во 2003 и на Академијата на Сеиџи Озава во Швајцарија, која ја посетува од 2007 година. На шеснаесетгодишна возраст Баева е добитник на гран-при на 12. Натпревар „Хенрик Виењавски“ во Полска (2001), како и награда за најдобра изведба на современо дело. Подоцна таа е добитник и на гран-при на натпреварот „Николо Паганини“ во Русија (2004), вклучувајќи ја и специјалната награда со која ѝ се дозволува да настапува една година со виолината „виењавски“,  изработена од Страдивариус во 1723 година. Баева исто така е добитничка на златниот медал и наградата од публиката на натпреварот „Сендаи“ во Јапонија (2007). Репертоарот на Алена Баева опфаќа повеќе од 40 концерти за виолина и оркестар. Покрај честите телевизиски и радиопреноси на нејзините настапи низ Европа, Азија и Северна Америка, Алена исто така има и завидна дискографија која содржи дела од Брух, Шостакович, Шимановски, Дебиси, Пуланк, Прокофјев итн. Алена Баева настапува со диригенти како: Владимир Федосејев, Пабло Ерас-Касадо, Кшиштоф Пендерецки, Сакари Орамо, Томас Зандерлинг, а особено долга соработка остварува со Валериј Гергиев и Владимир Јуровски. Нејзините партнери за камерна музика ги вклучуваат: Марта Аргерич, Јури Башмет, Стивен Исерлис, Николај Лугански и Миша Мајски, а редовен партнер ѝ е пијанистот Вадим Холоденко, со кого настапува повеќе од една декада. Особено плодна соработка Баева остварува во Русија, каде што редовно настапува со оркестарот „Марински“, „Музика Етерна“, Државниот академски симфониски оркестар „Јевгениј Светланов“ и Филхармонискиот оркестар  на Санкт Петерсбург. Низ Европа редовно настапува со  илхармонијата на Луксембург, Нордискиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Стразбур, Филхармонијата на Штутгарт, а исто така и на фестивалите: „Балтичко Море“, Меѓународниот фестивал „Шопен“ во Полска, фестивалот во Еспињо, Португалија,  естивалот „Бели ноќи“ во Петерсбург итн. Следните настапи ја носат Алена во Вајмар, Дизелдорф, Њујорк, Лил, Лондон и др.

 

Срдечно,