Меѓу сферите
Есеј инспириран од поетската книга „ВООБРАЗБИ“(лирски етиди за некој друг свет) од Бранко Цветкоски, „Макавеј“, 2025

ГОРДАНА МИХАИЛОВА БОШНАКОСКА
Магичноста на клучот е во прашање. Песната-песните го бараат клучот со кој се отвораат невидливите порти на космосот и видливите, многубројните порти на земниот живот.
Поезијата од ,,ВООБРАЗБИ – лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски, ги истражува можностите дека таа, поезијата, е само клуч употребен да го отклучи она од горе-бескрајното и, она долу конечното, земното-скришното-човечното, наспроти божественото-бесконечното, кое се случува со влегувањето на ,,клучот,“ во мекоста на минливото.
На патот да ги разгатне сите можности што се влезени во сверата на поетовиот ум, доаѓа до загатката сокриена во песната, што поетот ја разгатнува севездум. Поетот не става во улога на истражувачи, на рудари во ископувањето на новодојденото, што пак како читачи можеме да го допишеме во себе, во сотворените можности за ,,разбирање“.
Секогаш (речиси) свртен кон домовинската и родителската трпеза за она, моето ,,јас“ Бранко Цветкоски ги мери овие две состојби на битно и на сопствено, кои се ставени во сојуз со вселенското. Така оваа поезија не сместува и во улога на пливачи, кои или ќе допливаат до својот бит или ќе се удват од тој бит, доколку се заборави на спасувачката ,,Арка на Ное“ со помош на клучот-песна, како вечна сопственост за сопственото.
Овие песни го создаваат имагинарниот свет со страста на мислата и, со лиричноста на поетот како негова сопственост со неговата љубезност, да го внесе лабавиот систем на животот во еден мирен тек. Но дали е доволен мотив (не предупредува поетот) да му се спротивстави на крутата замисла на цивилизацијата, со нејзините норми, фрази, заблуди и многубројните замки. Па ете и поради тоа, поетот се зафаќа да навлезе во неизвесноста на оваа мисија и да ја отклучи големата порта на цивилизацијата, да ја одоброволи, да ја облагороди, преку средба на божественото-космичкото и, да биде токму тука на земјата. Кога Бог се среќава со поетот-човекот и, го прашува дали е задоволен од она што го создал, добива одговор ,,о да, се е совршено, само има еден недостаток. Бог прашува, а тоа е? Што си ја смислил староста, му одговара човекот. Па, еве и јас сум стар, одговара Бог. Да, ама ти си Бог, а јас сум само човек, му одговара поетот.
Токму на овие нерешености наблегнува оваа поезија, или можеби ова се решеностите за да се дојде до хармонија на вечното и земното. Ова не се дилеми, ова не се ,,вообразби“, туку повик за излегување од овој вртеж, од овој неминовен тек, а клучот што го поседува поезијата е, да го отклучи или да го заклучи за да и го предаде на иднината, за некои други ,,поезии,, за некои идни, нови, неочекувани ,,вообразби“. И кога поетот седи на езерскиот брег, загледан во длабокото синило на водата пред него, во заумноста со сопствената спрега на годините, со нивната мерливост, и се предава на светлината.
Колку е таа моќна да се спротистави на поетовата замисла, во смислата да се прифати минливоста, со отворени очи, со леснотијата на броењето на она што ни е одредено во животот, а за кое не се знае кога му е крајот. Неколкупати нашиот поет се исправа пред овој светлосен блиц, особено во песната за љубената, вечната придружничка во неговиот живот. Со еден нежен свиок за да ја пропушти меланхолијата на оној броеж што (го спомнав) на годините. Тие овде се одредени како некоја можна граница, но која полека може и да се поместува. Овој зрак е оној истиот кој се јавува и при погледот кон вечноста на митското езеро, како и минливото што го доживува поетот во средбата со Бога. Целата оваа умисленост пред големата штама на космосот прави, оваа најнова поетска збирка на Бранко Цветкоски, да биде доживеана како и наша сопствена состојба, исправени пред минливоста а, и пред вечноста.
Зошто МЕЃУ СФЕРИТЕ (една од песните во оваа книга) ми го означи правецот по кој оди оваа поезија. Поезијата создава процепи низ кои се исцедуваат песните. Тие чуда се појавуваат за да ја создадат песната. Поетот ја открива таа нишка што блеснува, придружена од веда што се спушта, се сместува во творечката поента на авторот. Оваа присутност тука, таа светлина од тој процеп излезена и веќе е влезена во Бранковата поезија. Ако се направи обид или поточно намисла, за толкувањето на насловот на самата збирка, тоа ќе биде онаа врска во постоењето на ,,сферите,“ и она „меѓу“. Тоа ,,меѓу,“ се песните кои како некои некогашни а и нови создателства, го означуваат тој пој на една тајна, но сега веќе отворена со клучот на поетовата подготвеност да се соочи со неа. Песните овде го водат двосмислениот дијалог со нивниот создавач. Тој дијалог е импулсот на вечната светлина создадена на небесата и е постелата каде песните летнуваат нагоре во нејзината сверичност. И духот на поетот е токму тој возбудлив свет на имагинацијата и дофатливоста, и токму тука во ,,ВООБРАЗБИ, лирски етиди за некој друг свет“ ни го принесува своето човечко и пред сѐ поетско сознание. На тој начин овие нови песни навистина го имаат тоналитетот на музичките етиди, во кои треба да ги внесеме и нашите ,,ноти“ во читањето и доживувањето на светлината замрежена во оваа нова, откровенска поезија на Бранко Цветкоски.