Меѓу четирите пациенти од Дебар има и 15 годишно момче


Во нашата земја во моментов има 12 лица кај кои е дијагностициран корона вирус, изјави на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче. Од нив на Клиниката за инфективни болести се осуммина, плус првата жена која беше примена и која веќе не е позитивна на вирусот и таа во понеделник ќе замине на домашно лекување. Покрај овие се очекуваат уште четири лица кои се од Дебар и се префрлаат со специјални медицински возила на инфективната клиника.

„Од четирите пациенти од Дебар има едно 15 годишно момче. Сите имаат лесна форма на болеста“, рече Филипче.

Тој исто така соопшти дека во овој момент се тестираат седум лица од кои шест се од Дебар. Брисеви се земени и од епидемиологот и од техничарот што работат во Центарот за јавно здравје во Дебар за секој случај, да се провери и нивната состојба, рече Филипче. Материјали се земени од уште едно лице – странски државјанин, преку Центарот за јавно здравје Битола за кој исто така се изработуваат резултати.

„Непосредно пред прес конференцијата материјали се земени и од двајца наши државјани кои патувале во Шпанија и во меѓувреме се јавиле поради покачена телесна температура“, додаде Филипче

Тој нагласи дека во Дебар, каде што е прогласена кризна состојба е мирно и дека луѓето целосно разбираат за што станува збор.

„Во Дебар болницата е организирана така што епидемиологот и инфектолози и од болницата, но и од Дебарската бања се на располагање за сите пациенти од регионот. Има дел од болницата со посебен влез каде што треба да се упатуваат сите лица со симптоми слични на грип и за кои ќе се одлучи дали ќе се земе брис или не“, рече Филипче.

Итните случаи за кои не може да се даде соодветна услуга со специјална дозвола од директорот на болницата ќе бидат префрлани во Скопје и во Струга, но по претходна најава.