Меѓаши: Преку кампањата „Нема туѓо дете“ со родителите заедно градиме безбедна училишна средина


Кампањата „Нема туѓо дете“ започна како одговор на сè почестите проблеми со кои се соочуваат децата во училиштата – од емоционална запоставеност, преку врсничко насилство, до сериозни психолошки состојби. Оваа кампања се спроведува во рамките на проектот за Промоција на безбедна училишна средина, кој го реализира Коалицијата на младински организации СЕГА, во партнерство со Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, СмартАп – Лабораторија за социјални иновации и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), со поддршка од Детската фондација Песталоци.

Фокусот на кампањата е едноставен, но суштински: да потсетиме дека секое дете е нечие дете и дека „нема туѓо дете“ кога станува збор за заштита, поддршка и љубов. Целта е да се охрабри заедницата, особено родителите и наставниците да препознаат кога на детето му е потребна помош и да знаат како да реагираат.

Податоците што ги сподели „Ало Бушавко“, телефонската линија на Меѓаши, ја покажуваат сериозноста на ситуацијата. Во 2024 година, речиси три четвртини од сите дојави се однесувале на ментални проблеми. Тие најчесто се стравови, анксиозност, потешкотии со контролирање на гневот и длабока загриженост за себе. Проблематичните семејни односи, разводите, недостигот од контакт со еден од родителите и тензичната училишна атмосфера често стојат зад овие емоционални тешкотии.

Во текот на минатата година, особено загрижувачки беше порастот на случаи поврзани со самоубиствени мисли и обиди. Иако бројот на ваквите дојави не е висок, нивното зголемување укажува на сериозна потреба за системска, долгорочна интервенција.

Имајќи ја предвид својата клучна улога во обезбедување поддршка за децата, „Ало Бушавко“, телефонската линија на Меѓаши, е активен член на Child Helpline International и моментално е во процес на хармонизација со ЕУ стандардот 116 111. Оваа усогласеност има за цел да обезбеди поефикасна, достапна и унифицирана поддршка за децата, особено во контекст на предизвиците што ги носи дигиталната ера.

Со „Нема туѓо дете“, партнерите на проектот се фокусираат на конкретни активности: од едукативни работилници и онлајн обуки за родители и наставници, до дистрибуција на материјали кои го олеснуваат препознавањето

на психолошка криза и насилство кај децата. Освен тоа, се работи и на тоа училиштата да станат безбедни, отворени и инклузивни средини каде што секое дете се чувствува прифатено.

„Поддршката на децата не е индивидуална, туку колективна одговорност. И навистина, кога еден ученик се повлекува, страда или повикува на помош, тоа е повик до сите нас“. – изјавија од Меѓаши.