Мегапроект од 20 милијарди евра во срцето на Европа, не се сите задоволни: „Многу паметни луѓе ќе си го губат времето“


Научниците од Церн, најголемата научна лабораторија во светот и дом на Големиот хадронски судирач во близина на Женева, продолжуваат со плановите за нов акцелератор на честички Future Circular Collider (FCC) кој би бил најмалку три пати поголем од постоечкиот забрзувач на честички.

Големиот хадронски судирач, изграден во тунел долг 27 километри, е дизајниран да судира протони и други субатомски честички со брзина блиска до брзината на светлината за да ги рекреира условите што постоеле неколку секунди по големата експлозија.

Големиот хадронски судирач беше искористен за откривање на Хигсовиот бозон во 2012 година, подвиг што беше награден со Нобеловата награда за физика. Но, од откривањето на Хигсовиот бозон, судирот не откри значајни новости кои би можеле да расветлат некои од најдлабоките мистерии на универзумот, како што се природата на темната материја или темната енергија, зошто материјата доминира над антиматеријата и дали реалноста е проткаена со дополнителни скриени димензии.

Церн подготви планови за нова машина Future Circular Collider (иден кружен судирач) (FCC) во 2019 година. Машината вредна 20 милијарди евра би имала опсег од 91 километар и би имала цел да разбие субатомски честици при максимална енергија од 100 тераелетронволти (ТеВ). Големиот хадронски судирач достигнува максимална енергија од 14TeV, пишува Гардијан.

Сепак, предлогот наиде на критики. Сер Дејвид Кинг, поранешен главен научен советник на британската влада, изјави за Би-Би-Си дека трошењето милијарди на нова машина би било несовесно во време кога светот се соочува со сериозни закани од климатската криза.

Одборот на Церн во петокот разговараше за преглед на физибилити студија за FCC. Доколку се остварат плановите, научниците се надеваат дека машината ќе биде изградена и подготвена за работа во 2040 година, кога LHC ќе заврши со работа.

Професорката Фабиола Џаноти, главна директорка на Церн, рече: „Доколку се одобри, FCC би бил најмоќниот микроскоп некогаш направен за проучување на законите на природата со цел да се решат некои од отворените прашања во денешната физика и нашето разбирање на универзумот.

FCC треба да биде побрз, посилен и поголем од Големиот хадронски судирач, истакнуваат научниците. Исто така, треба да биде двојно подлабоко под земја од Големиот хадронски судирач.

Некои физичари, од друга страна, стравуваат дека тоа е губење време. „Се плашам дека финансирањето на таков експеримент ќе значи дека многу паметни луѓе ќе го трошат своето време на истражување што нема да доведе до напредок. LHC имаше добра мотивација. FCC не. Физичарите за честички мора да прифатат дека нивното време поминало. Ова е доба на квантната физика“, рече д-р Сабине Хосенфелдер од Центарот за математичка филозофија во Минхен.

(Н1 Хрватска)