Меџити: Во вториот круг ќе испорачаме 80.000 гласови


Албанците во Македонија ќе испорачаат 80.000 гласови за заедничкиот претседателски кандидат на СДСМ и на ДУИ, Стево Пендаровски, најави денеска Изет Меџити, шеф на изборниот штаб за поддршка на Стево Пендаровски.

– Албанците не се навикнати во првиот круг да гласаат за Македонец, во вториот ќе испорачаме 80.000 гласови за заедничкиот кандидат, Стево Пендаровски – изјави потпретседателот на ДУИ и шеф на изборниот штаб за поддршка на Стево Пендаровски, Изет Меџити на прес-конференција.

Според него, ДУИ силно ја поддржува кандидатурата на Пендаровски бидејќи Албанците во Северна Македонија имаат потреба од претседател кој се залага за интеграцијата на земјата во НАТО, членството во Европска онија, Охридскиот договор и јазичната рамноправноста, а истовремено гледа партнерство во Вашингтон и Брисел.

Меџити најави дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети утре на собир во Филхармонија ќе им ги објасни на граѓаните ставовите на ДУИ како и потребата за излезеност и гласање на 5 мај.

– На 5 мај се одлучува помеѓу белото и црното, помеѓу иднината и минатото, интеграцијата и изолацијата, рамноправноста и моноетничноста, помеѓу перспективата и регресот, западот и истокот. Бојкотот и помага на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Бојкотот носи претседателска и парламентарна криза. Бојкотот ги ризикува НАТО и Европската унија. Бојкотот ниту ќе овозможи привремен претседател, ниту ќе казни некоја партија, но ќе поттикне избори – изјави Меџити.

Смета дека останувањето дома на 5 мај го загрозува членството во НАТО, го загрозува датумот за преговори со ЕУ, го загрозува пријателството со Вашингтон и Брисел, и конечно, ги загрозува јазичната рамноправност и Охридскиот договор.