Меџити: Во ДУИ има проблеми, но се дискутира за нив
Разлики има, и политички и во други конотации, но имавме предвид дека сме во состојба со коронавирусот каде не треба да придонесуваме да се влоши ситуацијата и имајќи ги процесите во кои се наоѓа државата и дадовме предност да тече процесот, а во од да ги решиме нашите разлики и проблеми кои се реални во ДУИ. Нема ништо лошо да се констатира дека има проблеми и разлики, но тоа со дебата и дијалог треба да се реши. Разликите се и концептуални и политички. Сакаме да се почитува принципот на медиокрација, ДУИ да го оствари она што го ветил, што е една од причините што сме најголем претставник на Албанците во земјава. Ова денеска го изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ Изет Меџити и поранешен градоначалник на Општина Чаир во денешното гостување во Утрински брифинг на Слободна ТВ.
Тој информира дека за локалните избори се прават анкети, се гледа како котираат луѓето и смета дека, како што рече, истотото тоа треба да биде принцип и за луѓето кои не претставуваат. – Ова не е експертска Влада, не е техничка Влада, ова е политичка Влада и таму треба да има луѓе кои што имаат легитимитет и кај народот и кај членството и треба да котираат добро и на анкетите, рече Меџити.
Меџити посочи дека реално во ДУИ има проблеми, но добро е што се дискутира во однос на политичките разлики. – Јас бев еден од поборниците ДУИ да се одлепи од тогашното ВМРО на чело со Груевски и да се приклучи на оваа коалиција, која придонесе државата да излезе од изолација, да стане членка на НАТО и да претендира за ЕУ, но исто така денес имаме забелешка – сакав да ги приближам со Заев и СДСМ, но не да се стопат во тоа. Забелешката е кон изјавата на Груби дека „едно сме“, а ако го мисли тоа политички, јас сум против тоа. Се знае од каде потекнува ДУИ и што претставува оваа партија, изјави Меџити.
Тој појасни дека за него и за ДУИ партнер е Зоран Заев и СДСМ. – Направивме многу досега, не чека уште многу работа и мислам дека сме на прав пат да ги заокружиме овие работи кои ќе дадат нова перспектива на граѓаните на земјава, рече Меџити.
За пописот, Меџити вели дека најдено е решение за главниот проблем кој доведе до пропадниот претходен попис. Во основа, според него, може да имаме само технички проблеми или грешки, а не од политички карактер. Потенцира дека крајно време е да се одржи пописот кој, како што рече, е битен за економски анализи, за развој на државата. Смета дека дијаспората е заинтересирана, влезена е во процесот и изрази надеж дека се надминати техничките проблеми кои ги имало на почетокот.
Меџити потсети дека ДУИ е прва албанска партија која не остана на страна и бараше да има активно учество и да даде придонес во преговорите со Грција, а и сега со преговорите со Бугарија. – Ова е прашање кое и нас не тангира како Албанци во нашата држава. Потегот на Радев не е добар пример, но имаме предвид дека се во предизборие. Треба да гледаме стратешки кон ова и да не дозволиме да изгубиме нови 20 години. Ние немаме друга алтернатива, ЕУ е единствената, изјави Меџити.
Прашан за евентуалната смена на долгогодишниот лидер на ДУИ, Меџити потсети дека на редовниот конгрес на ДУИ, што се одржа лани, Ахмети беше едногласно избран. – Се очекува уште повеќе години да биде на чело на партијата, немаме дилеми околу тоа, изјави Меџити и додаде дека треба да се работи екипно, да се поделат задачите, а останатото се нормални разлики.