Меџити утрово пиел кафе со Јовев, но одлуката за разрешување не ја менува


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска информираше дека првото утринско кафе го испил со докторот Сашко Јовев и дека тој ќе продолжи да работи во Клиниката за кадриохирургија.

-Ќе се посвети повеќе на пациентите и работата. Ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор и професор за понатамошната работа. Ќе видиме дали ќе има нов директор. Во таа програма за трансплатација, ќе се залагам со ребалансот на Буџетот да се зголеми буџетот за трансплатациите, кажа Меџити, на презентацијата на сработеното во 100 дена.

Првиот човек во ресорот здравство рече дека не зборувале за понудата д-р Јовев да му стане советник во Кабинетот.

-Испивме кафе, тој е мој добар другар и колега. Ќе продолжиме да работиме заедно, одговори Меџити.

На прашање дали ќе ја преиспита одлуката за смена на Јовев од директорското место на Кардиохирургија, Меџити вели:

– Кога министерот донесува одлука и таа не се преиспитува, тоа е апсолвирано прашање, да не се повторувам.