Меџити со поддршка за акцијата на Клиниката за онкологија, очекува брза истрага


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Фатмир Меџити, кој денеска даде поддршка за синоќешната акција на Обвинителството и полицијата на Клиниката за онкологија, очекува институциите брзо да се произнесат во однос на истрагата.

– Како министер, силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи, кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместлива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата, се наведува во пишаната изјава на Меџити.

Врз основа на судска наредба, вчера беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во две приватни стана. Притоа биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, што ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

Како што денеска информираа од Јавното обвинителство, акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови поврзани со работата на Клиниката.