Меџити се сретна со мајката на аутистичното момче: Ќе ја следам работата на болницата во Демир Хисар


Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска се сретна со Салка Абдуловска, мајка на 17-годишното момче за кое излезе информација во јавноста дека било несоодветно третирано во болницата во Демир Хисар.

Министерот Меџити, како што соопшти Министерството за здравство, изразил жалење за ситуацијата и потенцирал дека нема да дозволи несоодветен третман на пациентите, особено на малолетни лица.

– Иако добив уверувања од менаџментот на болницата дека е постапено по сите протоколи со цел безбедност на пациентот, случајот и работењето на болницата Демир Хисар ќе биде под строг надзор на Министерството. Ги охрабрувам другите институции кои започнаа постапка да ги завршат за да се расчисти случајот до крај, истакнал Меџити.

Најавил дека ќе се направат напори момчето да биде сместено во интернатот на училиштето за деца со посебни потреби „Партениј Зографски“ во Скопје.

Мајката на 17-годишното момче, како што се наведува во соопштението од Министерството за здравство, посочила дека семејството било вознемирено со објавувањето на лажни фотографии на кои било прикажано момче како седи на земја врзано за кревет.

– Министерот за здравство упатува апел до целата јавност сите да внимаваме кога споделуваме вакви чувствителни вести, се вели во соопштението.