Меџити: Нов апарат за анестезија и респиратор за велешката болница


Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити утрово беше во посета на Општата болница Велес по повод набавка на нова медицинска опрема за установата.
 
„Денеска сме во посета на Општата болница во Велес по повод набавка на нова медицинска опрема. Станува збор за нов апарат за анестезија набавен од Министерството за здравство во вредност од 4 милиони денари. Овој апарат којшто веќе е поставен во операционата сала е потребен за подобро функционирање на одделот за анестезија.  Исто така, набавивме и нов респиратор со средства од Министерството во износ од три ипол милиони денари“, рече Меџити.
 
Тој рече дека двојно е зголемен буџетот за оваа намена од 2,6 на 5 милиони евра и во повеќе од 15 здравствени установи обезбедиле нова и современа опрема.
 
 
„За една година направивме сериозно зајакнување на јавното здравство со нова апаратура, реконструкции и лекови. И во следниот период продолжуваме да правиме позитивни промени во еден од најважните столбови, а тоа е здравствениот сектор“, изјави Меџити.