Меџити: Не ни треба претседател кој ни прави проблеми


Раководството на Централниот изборен штаб на Демократската унија за интеграција (ДУИ) при синоќешната посета на локалниот штаб во Општина Желино укажа на важноста од изборот на консензуален претседател во насока на продолжување на започнатиот пат кон полноправно членство во НАТО и почнување преговори за членство во ЕУ, соопшти денеска ДУИ.
– Да имаше теоретски можности, значи да победеше албански кандидат само со гласовите на Албанците, тогаш оваа работа не би им ја препуштиле на вториот или третиот субјект кој е после нас, туку ДУИ ќе излезеше со свој кандидат. Ние не сме заинтересирани за популистички политики бидејќи не сме на почеток на 90-те години, поминавме 30 години демократија и знаеме дека нема теоретски можности да се избира претседател на државата потпирајќи се само на гласовите на Албанците. Единствениот начин е кога има консензус, како примерот со Собранието каде 10-те гласа на ДУИ и другите албански партии со консензус го изгласаа претседателот на Собранието, рече Изет Меџити, шеф на изборниот штаб.
Немаме потреба, дополни Меџити, да направиме политички договор за вториот изборен круг на Претседателските избори, овој договор го направивме уште при формирањето на Владата, којашто го промени името и сега сме Северна Македонија, го донесе Законот за албанскиот јазик и прави напори Северна Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО.
– Ова се капитални проекти заради кои е формирана оваа Влада и нам не ни треба претседател кој ни прави проблеми, туку ни треба претседател кој ги познава овие процеси и ќе биде позитивен актер во реализација на овие аспирации, истакна Меџити.
Излегувањето со албански кандидат, посочи, не дека немаше да донесе победа, туку можеше да се ризикува и процесот на интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, Преспанскиот договор и Законот за албанскиот јазик.
– Членството во НАТО подразбира странски инвестиции, стабилност во Северна Македонија, подобар животен стандард. Ние се одлучивме за стратешката определба на државата, не за дневна политика, не за да излеземе со кандидат за да победиме едни спрема други во првиот круг и да се удираме во гради за тоа кој е посилен, нагласи Меџити.